На 7 февруари 2017 година е објавена пораката на папата Фрањо за Великиот пост, на тема „Словото е дар.“
„Великиот пост е нов почеток, пат кој води до Велигден – Христовата победа над смртта. Овој период нѐ повикува на преобраќање. Христијаните се повикани да се вратат кај Бог „од сѐ срце“ (Јоил 2, 12), да не се помират со просечноста и да растат во пријателството со Господ,“ стои во пораката за Великиот пост на папата Фрањо, под наслов „Словото е дар.“ Другиот е дар“ која е објавена денес. Папата потсети дека Исус е верен пријател кој никогаш не нѐ напушта, па ниту тогаш кога грешиме: Тој трпеливо го чека нашето враќање, со што ја покажува својата подготвеност да ни прости.
Светиот Отец истакна дека Великиот пост е соодветно време за продлабочување на нашиот духовен живот по пат на средствата за посветување кои ни ги нуди Црквата: постот, молитвата и добрите дела. Во основата на сето тоа е Словото Божјо кое сме повикани во текот на тоа време да Го слушаме и длабоко да размислуваме. Во тој дух Папата го изложи размислувањето за параболата за богатиот и Лазар (Лк 16, 19-31), која ја смета за клуч за разбирање на она што треба да правиме за да постигнеме вечна среќа и вечен живот, како и охрабрување за искрено преобраќање.
Другиот е дар
Папата Фрањо потоа ја опиша состојбата на сиромашниот во целата негова беда: лежи пред вратата на богатиот, хранејќи се со трошките што паѓаат од неговата трпеза. Телото на сиромавиот е покриено со рани кои му ги лижат кучињата. Сцената е драматична ако го земеме во предвид неговото име – Лазар, име кое многу ветува, кое буквално значи „Бог помага.“ „Не е безимен,“ истакнува Папата и продолжува: „Тој е детално опишан и се појавува како поединец со приказна. И додека за богатиот практично е невидлив, ние го гледаме и за нас речиси е непознат. Тој станува лице, и како таков, дар, непроценливо богатство, човечко битие кое Бог го сака и за кое се грижи, и покрај неговата состојба на бездомник.
Светиот Отец нагласи дека Лазар нѐ учи дека другите луѓе се дар. Исправниот однос со луѓето се состои во благодарно препознавање на нивните вредности. „Параболата нѐ повикува да ја отвориме вратата на срцето за другиот,“ вели Папата „затоа што секој човек е дар, без разлика дали е наш ближен или безимен сиромав. Великиот пост е соодветно време за отворање на вратата на сите оние кои се во потреба и препознавање на Христовото лице во нив. Секој од нас секојдневно се среќава со такви луѓе. Секој живот со кој се среќаваме е вреден за прифаќање, почитување и љубов. Словото Божјо ни помага да ги отвориме нашите очи за да го прифатиме и љубиме животот, посебно кога е слаб и ранлив,“ објасни Папата.
Гревот нѐ заслепува
Спротивно на сиромашниот Лазар стои безимениот богаташ кој своето богатство го покажува со скапоцена облека и така секојдневно убаво се насладува. Светиот Отец со примерот на богатиот ни го покажува драматичното расипување на гревот, кој се остварува во три последователни фази – во љубовта кон богатството, суетата и горделивоста.
Потсетувајќи на зборовите на свети Павле апостол дека „коренот на сите зла е среброљубието“ (1Тим 6, 10), Папата порача дека парите се главниот извор на расипување, како и зависта, неслогата и сомневањето, додавајќи дека може да нè завладее до таа мерка да стане идол кој тиранизира. „Наместо да биде средство во служба на правење добро и покажување на солидарност кон другите, парите можат нас и целиот свет да нè фрлат во синџирите на себичната логика во која нема место за љубовта и на која и пречи мирот,“ истакна папата Фрањо.
Алчноста на богатиот го води до суета, односно тој станува заробеник на надворешното, на оние најповршни и минливи аспекти на постоењето, а во неговата внатрешност е празнина. Најнискиот степен на таа морална деградација на горделивоста. Богатиот се облекува како цар и се однесува како Бог, заборавајќи дека е смртен. Расипан од љубовта кон богатството, за него не постои ништо друго освен неговото его. Станува слеп: не го гледа сиромашниот пред својата врата, кој гладува, кој е во болки – истакна Светиот Отец.
„Гледајќи го неговиот карактер, можеме да разбереме зошто Евангелието толку отворено ја осудува љубовта кон парите: „Никој не може да им слугува на двајца господари: оти, или едниот ќе го замрази, а другиот засака, или кон едниот ќе се приврзе, а другиот ќе го презре. Не можете да им служите на Бог и на Мамона.“
Словото е дар
Овој пример воедно е добар пример за Воскресението. На Пепелница свештеникот ги изговара следните зборови додека нè посипува со пепел: „Спомни си човече дека си прав и дека во прав ќе се вратиш.“ И сиромашниот и богатиот преку смртта ја откриваат вистината која е посведочена во Светото Писмо: „Ништо не сме донеле на светов, јасно е дека не можеме и ништо да однесеме.“ (1Тим 6,7) Светиот Отец потоа преминува на другиот дел од параболата во кој се опишува задгробниот живот.
Папата Фрањо истакнува три важни елементи кога станува збор за богатиот. Првиот е дека тој, припадник на Божјиот народ, во својот живот немал време, ниту место за Бог. Неговиот единствен бог бил тој самиот. Вториот важен елемент е што богатиот дури по смртта го препознава Лазар, кога од него бара со капка вода да го ублажи неговото страдање, односно богатиот бара од него да му направи нешто што самиот богаташ никогаш не го направил. Авраам му одговара: „Синко, сети се, дека ти си го добил своето добро уште додека беше жив, а Лазар злото, сега пак, тој се утешува, а ти страдаш.“ (Лк 16, 25) Во животот после смртта, настанува некој вид на правичност, почитување и животните зла се урамнотежени со доброто“, вели Папата.
Конечно, откриваме дека во коренот на сите неволји на богатиот е пропустот да го слуша Словото Божјо. „Последицата на тоа била повеќе не го љуби Бог, што го доведува и до презирање на ближниот. Словото Божјо е живо и моќно, способно да ги преобразува срцата на луѓето и да ги враќа назад кај Бог. Кога го затвораме своето срце за дарот на Божјото Слово, го затвораме своето срце за дарот на своите браќа и сестри,“ порача папата Фрањо повикувајќи на крајот помош од Светиот Дух да нè води по вистинскиот пат на преобраќањето за да можеме повторно да го откриеме дарот на Божјото Слово, за да бидеме очистени од гревот кој нè заслепува и да Му служиме на Христос присутен во нашите браќа и сестри во потреба.“
РВ/к.мк
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма за умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк