Папата во Мец: Бог никогаш не поттикнува нешто што го нарушува човечкото достоинство

Папата во Мец: Бог никогаш не поттикнува нешто што го нарушува човечкото достоинство

На средбата со претставници на различни религии во францускиот град Мец, папата Лав XIV ги пофали напорите за меѓурелигиски дијалог, потсетувајќи дека Божјото име никогаш не смее да се повикува за оправдување на насилството или угнетувањето.

Папата Лав XIV учествуваше на меѓурелигиска средба во Конференцискиот центар „Роберт Шуман“ во Мец, на последниот ден од своето апостолско патување во Франција.

Во своето обраќање, Папата потсети на наследството на Роберт Шуман, еден од основоположниците на европското обединување.

Нарекувајќи го „човек на вера и убедување“, Светиот Отец рече дека Шуман станал гласник на единството во различноста и умеел поделбите да ги претвора во „мостови на надежта“.

„Следејќи го неговиот пример“, рече Папата, „наша заедничка одговорност, како мажи и жени на верата, е да сведочиме дека, над сите граници, секогаш е можно да се сретнеме, да градиме пријателства и да го бараме мирот.“

Папата Лав XIV потсети и на енцикликата Fratelli tutti на папата Фрањо и на неговиот повик за дијалог меѓу религиите во служба на пријателството и мирот.

„Дијалогот не го намалува нашиот идентитет, туку ни овозможува да го изразиме со едноставност и вистина, отворајќи го кон различноста на другиот“, рече папата Лав XIV.

Дијалогот, додаде тој, е „уметност на средбата“ од која денешниот свет има огромна потреба, бидејќи претставува спротивност на агресијата и насилството.

„Да се повикува Божјото име за да се оправда насилството или угнетувањето значи да се оскверни Неговото име“, рече тој. „Ништо што го обезличува човечкото достоинство не може да тврди дека е инспирирано од Бога.“

Папата апелираше и на личната одговорност на секој верник да придонесува за религиозен говор што води кон „разоружување на срцата и зборовите“.

Религиите се чувари на животот затоа што ја потврдуваат неговата света вредност, рече Светиот Отец, нагласувајќи дека верата носи видлив плод кога нејзините следбеници стојат покрај најранливите и најкревките.

„Големината на една цивилизација не се мери според нејзините материјални достигнувања, туку според начинот на кој се грижи, ја штити и ја поддржува човечката личност“, рече тој.

Да му се служи на животот, додаде Папата, значи човекот да биде опкружен со „грижа, присуство и нежност“ сè до неговиот природен крај, особено во моментите на искушение, градејќи заедништво што го почитува достоинството на секоја човечка личност.

Потоа папата Лав XIV ги увери верските претставници собрани во Мец дека Католичката црква ги смета сите што „искрено ги бараат вистината, добрината и убавината“ за сопатници на заедничкиот пат.

„Нека бескрајната Божја добрина и мудрост нè придружуваат и нека нè научат уште поцелосно да живееме како Негови деца и како браќа и сестри едни на други.“

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот