Примајќи ги во аудиенција претставниците на Пасторалот за болни на Римската бискупија, по повод Светскиот ден на болните, кој се одбележува на 11 февруари, папата Фрањо ги охрабри да изградат мрежи на солидарност за болните: треба да научиме да гледаме во болката на нашиот брат „знакот на предност“
Папата Фрањо и на оваа аудиенција го истакна ликот на добриот Самарјанин, обраќајќи им се на претставниците на Канцеларијата за Пасторал за болни на Римската бискупија, кои ги прими во четврток 9 февруари 2023 година по повод Светскиот ден на болните, кој се празнува на 11 февруари. Меѓу нив беа директорите на 13 големи римски болници, групи лекари, волонтери и пациенти. Вашето дело е настанато затоа што знаевте искуството на страдањето со болката на другите да го претворите во близина – истакна Папата и додаде дека на тој начин поттикнале солидарност и надеж кои ги уриваат ѕидовите на изолација и страв. Во исто време, тој истакна три важни однесувања: да се покаже близина со оние што страдаат, да се даде глас на неслушнатато страдање и да се биде квасец на љубовта, која привлекува.
Важно е да бидете блиски со оние кои страдаат, да ги слушате и да им понудите љубов и прифаќање. Но, за да го направиме тоа, треба да научиме да гледаме, во болката на нашиот брат, „знакот на предност“, кој во длабочините на нашите срца ни кажува да застанеме и не ни дозволува да одиме понатаму. Тоа е чувствителност која се зголемува колку повеќе се вклучуваме во средба со луѓето кои страд0ата. Така, заедничкото одење ни помага на сите да ја сфатиме вистинската смисла на животот, а тоа е љубовта.
Предизвик за градовите кои се лишени од човечност
Што се однесува до давање глас на страдањата чиј глас не се слуша, односно гласот на оние кои се оставени сами со болеста, без економска и морална поддршка, а со тоа се повеќе изложени на очај и губење на верата, Светиот Отец упати поттик до денешните градови кои – како што вели – понекогаш се лишени од човечност и се глуви на сочувството.
Да го прифатиме плачот на оние кои страдаат и да го послушаме. Да не ги оставиме затворени во соба, но и да не дозволиме едноставно да станат „вест“; да направиме простор за нив во себе и да го зголемиме со наше лично и конкретно вклучување.
Вмрежување во бесплатност и реципроцитет
На крајот, зборувајќи за третото однесување што треба да се усвои со оние кои страдаат, односно да се биде квасец на љубовта, Римскиот бискуп појасни дека се работи и за вмрежување, споделувајќи го стилот на бесплатност и реципроцитет. Имено, сите ние сме во потреба и сите можеме да дадеме и да добиеме нешто, дури и само една насмевка. Тоа е токму она што дозволува „мрежата“ да расте околу нас – забележа тој – која се состои од стискање на рака, раце кои работат заедно, срца што се обединуваат во молитва и сочувство; тоа е мрежа која не се кине ни среде посилните бранови и која им овозможува да бидат извлечени на брегот на оние што се во опасност од давење.
Тоа е примерот на оние кои преземаат иницијатива што им помага на другите да најдат храброст да се вклучат, како што е случајот со присутните, кои се дел од медицинската област на Канцеларијата за пасторал со болните на Римската бискупија: болнтеи, здравствените работници и оние кои припаѓаат на светот на спортот, кои се обединети во заедничко посредување за доброто на луѓето.
Вмрежувањето значи да се дејствува заедно како членови на едно тело. Страдањето на еден станува страдање на сите, а приносот од секој сите го примаат како благослов. Драги пријатели, не е лесно да се биде близок со оние кои страдаат, тоа добро го знаете. Затоа ви велам: не се обесхрабрувајте!
Конкретно посветете се на милосрдието
Завршувајќи го својот говор, Папата ги охрабри присутните да црпат сила токму од лицата на оние кои страдаат, од лицето на Христос кој со нас ја сподели нашата слабост, нашата кревкост до тој степен што умре за нас и кој, откако воскресна, никогаш не нé напушта. Човекот во слабост е блиску до Божјото срце. Затоа, патот што треба да се оди – додаде тој – е да се сфати слабоста, да се биде нежен со слабостите и да се направат силни.
На крајот, папата Фрањо поттикна на молитва за да се зголеми близината со оние кои страдаат и конкретно вклучување во милосрдието, како ниту еден крик на болка не би останал неслушнат.
Ватикан њуз/к.мк