Во своето прво обраќање во Алжир, папата Лав XIV повтори дека Бог сака мир за сите народи, мир што е „израз на правда и достоинство“, и го охрабри алжирскиот народ и понатаму да го чува Бога во средиштето на своето духовно и културно наследство.
На својот прв јавен настан во Алжир, папата Лав XIV го посети Споменикот на мачениците „Макам еш-Шахид“, подигнат во спомен на оние што ги загубиле животите во Алжирската војна за независност од 1954 до 1962 година.
Откако положи венец на споменикот, Папата најнапред изрази благодарност што повторно може да го посети Алжир, „откако тоа веќе двапати го направил како духовен син на Свети Августин“.
Папата нагласи дека стои пред народот „пред сè како брат, кој со радост преку оваа средба ги обновува врските на наклоност што ги поврзуваат нашите срца“.
Гледајќи кон околу 2.000 собрани луѓе на плоштадот пред споменикот, тој рече дека во нив гледа „силен и млад народ“. Во срцето на алжирскиот народ, истакна Папата, живеат пријателството, довербата и солидарноста, вредности што не се само зборови, туку сила и топлина на заедничкиот живот.
Вистинската слобода се гради со простување
Осврнувајќи се на долгата историја на земјата, папата Лав ја опиша како богата со традиции, но и обележана со болни искушенија и периоди на насилство.
„Токму благодарение на благородноста на духот што ве карактеризира“, рече тој, „успеавте да ги надминете овие искушенија со храброст и достоинство.“
Посетата на споменикот, според него, претставува момент на почит кон историјата на Алжир и кон духот на оние што се бореле за независност, достоинство и суверенитет. Во таа смисла, Папата ги охрабри сите да запомнат дека Бог сака мир за секој народ, мир што не значи само отсуство на судири, туку и вистински израз на правда и човечко достоинство.
Тој нагласи дека таквиот мир се гради преку простување, бидејќи токму простувањето му овозможува на човекот да гледа кон иднината со помирен дух. Вистинската борба за ослободување, рече Папата, ќе биде целосно добиена тогаш кога ќе се постигне мир во нашите срца.
Светиот Отец призна дека простувањето е тешко. Во време кога низ светот се умножуваат конфликтите, тој предупреди дека човештвото не смее да натрупува огорченост врз огорченост од генерација во генерација.
„Иднината им припаѓа на мажите и жените на мирот“, истакна тој. „Правдата на крајот секогаш ќе надвладее над неправдата, а насилството нема да го има последниот збор.“
Земја на културни и верска раскрсница
Во земја во која се среќаваат различни култури, религии и начини на живот, папата Лав ја истакна важноста на меѓусебната почит. Тој изрази надеж дека Алжир и понатаму ќе придонесува за стабилноста и дијалогот на меѓународната сцена.
Алжир, како и секој народ, има своја историја, култура и вера. „Верата во Бога има централно место во вашето наследство“, рече Папата, додавајќи дека таа го осветлува животот на секој човек, ги крепи семејствата и поттикнува чувство на братство.
Народ што носи љубов кон Бога во своето срце е навистина богат, истакна папата Лав, а токму тоа алжирскиот народ го препознава како едно од своите големи богатства.
„На нашиот свет му се потребни вакви верници, мажи и жени на верата, жедни за правда и единство“, рече тој. Во свет што копнее по братство и помирување, додаде Папата, голем дар и света должност е со увереност да се сведочи дека сите сме повикани да живееме како браќа и сестри, деца на едниот Бог.
Папата потсети и на „клучното прашање за сите“, што Исус го поставил пред две илјади години: „Зашто каква полза има човекот ако го добие целиот свет, а на душата своја ѝ напакости?“ (Матеј 16,26).
Според неговите зборови, оние на кои им се оддава почит кај споменикот веќе го дале својот одговор: тие ги положиле своите животи од љубов кон сопствениот народ.
Нека нивниот пример им биде поттик на луѓето во Алжир и на сите народи, рече Папата, бидејќи вистинската слобода не е само наследство, туку избор што се потврдува секој ден.
На крајот, тој ги повтори зборовите од Блаженствата:
„Блажени се сиромашните по дух, зашто нивно е царството небесно. Блажени се оние што тагуваат, зашто тие ќе бидат утешени. Блажени се кротките, зашто тие ќе ја наследат земјата. Блажени се гладните и жедните за правда, зашто тие ќе се наситат. Блажени се милостивите, зашто тие ќе бидат помилувани. Блажени се чистите по срце, зашто тие ќе Го видат Бога. Блажени се миротворците, зашто тие ќе се наречат синови Божји. Блажени се гонетите заради правдата, зашто нивно е царството небесно“ (Матеј 5,3-10).
Ватикан њуз/к.мк

