Папата: Воената реторика е во мода, да дадеме конкретност на очекувањата за мир
Папата Фрањо на 4 април 2024 година се сретна со учесниците на првиот колоквиум помеѓу Дикастеријата за меѓурелигиски дијалог и Конгресот на поглаварите на традиционалните и светските религии и повторно истакна дека бруталноста на конфликтите во разни земји ширум светот убива илјадници луѓе: потребен е секој напор за да може да се разговара и да се постигне хармонија меѓу народите, почитувајќи ја различноста и зачувувањето на животната средина.
Многу, премногу гласови зборуваат за војната денес. Воената реторика за жал повторно е во мода. Тоа е лошо. Но, додека се шират зборовите на омраза, луѓето гинат од бруталноста на конфликтите. Напротив, треба да зборуваме за мир, да сонуваме за мир, да дадеме креативност и конкретност во очекувањата за мир, кои се вистинските очекувања на народите и луѓето. Во таа смисла, треба да се вложат сите напори, во дијалог со сите.
Папата Фрањо уште еднаш поттикна да се направи сѐ што е можно за да се промовира мирот и да се бараат начини на дијалог за да се стави крај на војните во кои умираат илјадници луѓе во различни делови на светот. По апелот упатен вчера за време на Генералната аудиенција, Папата повторно поттикна на итно ангажирање за да се запре насилството и овие ужаси. Тој тоа го направи во говорот пред учесниците на Првиот колоквиум помеѓу Дикастеријата за меѓурелигиски дијалог и Конгресот на поглаварите на светските и традиционалните религии, платформа создадена во Казахстан која вклучува верски водачи и претставници од светот на политиката, културата и средствата за комуникација. Станува збор за средба која со почит кон различностите и со намера за заемно збогатување, се надеваме дека ќе биде пример да не се доживува другиот како закана, туку како дар и вреден соговорник за заеднички раст.
Негувајте хармонија меѓу религиите и културите
Колоквиумот на тема „Нашиот заеднички дом: Божји дар кој треба да го сакаме и да се грижиме за него“ е првиот значаен резултат од Меморандумот за разбирање склучен меѓу Центарот „Назарбаев“ и Дикастеријата за меѓурелигиски дијалог, во чиј состав е Сенатот на Републиката Казахстан. Оваа иницијатива го потсети Папата на апостолското патување во Казахстан, од 13 до 15 септември 2022 година, со цел да учествува на VII. Конгресот на поглаварите на традиционалните и светските религии во Астана и на посетата на претседателот на Сенатот и шеф на секретаријатот на Конгресот, Маулен Сагатанули Ашимбаев, кој беше и шеф на казахстанската делегација, на Ватикан во јануари оваа година.
Треба да се поддржуваме едни со други во негувањето на хармонијата меѓу религиите, етничките групи и културите, хармонија со која вашата голема земја може да се гордее.
Здрава лаичност која прави разлика помеѓу религијата и политиката
Исто така, неопходно е да се негува почит кон различноста и посветеност на „заедничкиот дом“ – додаде Папата. Ова се аспектите кои ја означуваат реалноста на Казахстан.
Што се однесува до почитувањето на различностите, незаменлив елемент на демократијата – што треба постојано да се промовира – е фактот дека земјата е „секуларна“ многу придонесува за создавање хармонија. Се разбира, станува збор за здрав секуларизам, кој не ги меша религијата и политиката, туку прави разлика меѓу нив за доброто на двете, и кој истовремено ја препознава суштинската улога на религиите во општеството, во служба на заедничкото добро.
Во таа азиска земја, праведноста и еднаквоста меѓу различните етнички групи, религии и култури, во смисла на работа, пристап до јавни функции и учество во политичкиот и општествениот живот, се во корист на мирот и социјалната хармонија – објасни Римскиот бискуп – за никој да не се чувствува дискриминиран или привилегиран поради сопствениот идентитет.
Зачувување на создадениот свет
Што се однесува до заштитата на целото создание, тоа е неизбежна последица на љубовта кон Создателот, кон браќата и сестрите со кои го делиме животот на планетава – истакна Светиот Отец, особено за идните генерации на кои сме повикани да им пренесеме наследство што треба да се зачува, а не еколошки долг што треба да се плати. Затоа папата Фрањо изрази надеж дека првиот колоквиум меѓу Дикастеријата за меѓурелигиски дијалог и Конгресот на поглаварите на традиционалните и светските религии ќе даде важен придонес во оваа насока.
Ватикан њуз/к.мк