Откако ја измоли молитвата Ангел Господов на плоштадот Свети Петар, Папата потсети на денешниот Светски ден на сиромашните и на својот прв Апостолски поттик „Dilexit te“, кој го иницираше папата Фрањо. Тој се помоли за жртвите од сообраќајни несреќи, како и за жртвите на злоупотреба, и изрази надеж за раст на културата на почитување како гаранција за заштита на достоинството на секој човек, особено малолетниците и најранливите.
Папата Лав XIV во недела, 16 ноември 2025 година, на крајот од молитвата Ангел Господов на плоштадот Свети Петар, се осврна на одбележувањето на 9. Светски ден на сиромашните, заблагодарувајќи им се на сите оние кои, во епархиите и парохиите низ целиот свет, промовираа иницијативи за солидарност со најранливите. Размислувајќи за овогодишната тема, насловена „Ти си моја надеж, Господи“, Светиот Отец нагласи дека со радост го завршил својот прв Апостолски поттик, Dilexit te“, за љубовта кон најсиромашните, кој папата Фрањо почнал да го подготвува во последните месеци од својот живот.
Сеќавање на жртвите од сообраќајни несреќи и злоупотреба
На овој ден се сеќаваме и на оние кои ги загубија животите во сообраќајни несреќи, честопати како резултат на неодговорно однесување – нагласи Римскиот епископ, повикувајќи ги сите да направат личен испит на совеста. Потоа потсети дека Црквата во Италија денес одбележува ден на молитва за жртвите на злоупотреба и изрази надеж дека ќе расте културата на почит како гаранција за достоинството на секој човек, особено малолетниците и најранливите.
Беатификација на Дон Кармело де Палма
Петровиот наследник потсети дека во сабота во Бари се одржа беатификацијата на дон Кармело Де Палма, епархиски свештеник кој почина во 1961 година и кој го помина својот живот во великодушно служење преку исповед и духовно водство на верниците. Папата изрази надеж дека неговото сведоштво ќе ги охрабри свештениците несебично да се дадат служејќи му на светиот Божји народ.
Годишнина од Посланието за помирување на полските бискупи
Во својот последен поздрав до верниците што зборуваат полски, папата Лав XIV потсети на годишнината од пораката за помирување што ја испратија полските епископи до германските епископи на 18 ноември 1965 година, кратко пред крајот на Вториот ватикански собор. Текстот содржеше моќен повик за помирување меѓу двете земји по разорувањето од Втората светска војна, а ја вклучуваше и познатата фраза: „Простуваме и бараме прошка“.
Ватикан њуз/к.мк

