Примајќи во аудиенција една италијанска синдикална организација, папата Фрањо ја осуди, како што рече, „изопаченоста на работата“, почнувајќи од нееднаковиот третман на жените кои заработуваат помалку од мажите и кои се „гонат“ кога ќе забременат. Тешките работни места сѐ уште се слабо заштитени, посочи Светиот Отец и предупреди за смртни случаи на работното место: „Секоја смрт на работа е пораз за целото општество.
Зошто жената треба да заработува помалку од мажот? Зошто најтешките работни места сè уште се толку слабо заштитени? – се дел од прашањата од говорот на папата Фрањо, кој им го даде на околу 5.000 членови (од вкупно 5 милиони) на италијанската Генерална конфедерација на трудот (Confederazione Generale Italiana del Lavoro – CGIL), т.е. Италијанскиот национален синдикат, кој во понеделник 19 декември 2022 година ги прими во Ватикан. Од една страна, Светиот Отец ги осуди нелегалното вработување, експлоатацијата, исцрпувачките смени, невработеноста, внатрешните конфликти, трагедијата на смрт на работно место и „изопаченоста на работата“ како што се родовата нееднаквост во платите, несигурната работа за младите и „културата на технолошки вишок“. Од друга страна, даде предлози и поттик работните места да се претворат во места за братство, каде што се формираат и се образуваат луѓето за мир, по кој е жеден денешниот свет.
Погазено е човечко достоинство
Папата зборуваше за светлината и сенките на полето на работата, кои, како што рече, се од суштинско значење за човечкиот живот, бидејќи му овозможуваат на човекот да се реализира себеси, да живее во братство, да го негува општественото пријателство и да го направи светот подобро место. Тој предупреди на исклучувањето од работата, што е резултат на културата на отфрлање, која навлезе во економските односи и го преплави светот на работата.
Го наоѓаме, на пример, каде што човечкото достоинство е погазено со родова дискриминација. Зошто жената мора да заработува помалку од мажот? Зошто мора да отпуштат жена штом ќе почне да се дебелее за да не плаќаат породилно. Тоа може да се види и во несигурната положба на младите: зошто мораат да ги одложуваат одлуките во животот поради хроничната несигурност? Или во културата на вишокот; и зошто најтешките работни места сè уште се толку слабо заштитени?
Премногу луѓе страдаат поради недостиг на работа или поради недостојна работа – истакна Светиот Отец и додаде: Нивните лица заслужуваат да бидат слушнати и синдикално да бидат заштитени.
Вложување во луѓе
Една од задачите на синдикатот е „воспитување за смислата на работата“; се работи за воспитна грижа, која е сол на здравата економија, способна да го направи светот подобар. Да се откажеш од инвестирање во луѓе за да постигнеш поголем непосреден профит е многу лоша работа за општеството – истакна Папата.
Сè уште загинуваат на работните места
Светиот Отец ја сподели својата загриженост со менаџерите и претставниците на италијанскиот синдикат, пред се за безбедноста на работниците.
Сè уште има премногу луѓе кои умираат на работните места – ги гледам во весниците; ги има секој ден – има премногу осакатени и повредени на работното место! Секоја смрт на работа е пораз за целото општество.
Наместо да ги броиме на крајот од секоја година, треба да ги паметиме нивните имиња, бидејќи тие се луѓе, а не бројки. Да не дозволиме профитот и човекот да се стават на исто ниво! – предупреди Папата и додаде дека идолопоклонството води кон газење на сѐ и секого, и дека не внимава на разликите.
Насилни форми на експлоатација
Друга работа што го загрижува Римскиот епископ е експлоатацијата на луѓето, како да се машини. Постојат „насилни форми“ – истакна папата Фрањо – како што се нелегално вработување и ропство на работници во земјоделството или на градилишта и други работни места, потоа принудени да работат исцрпувачки смени, подмолна игра во договорите, презир кон мајчинството, борба меѓу работата и семејството.
Колку противречности и колку војни се водат меѓу сиромашните поради работата! Последниве години сѐ повеќе се евидентираат таканаречените „сиромашни работници“, односно луѓе кои иако имаат работа не можат да ги издржуваат семејствата и да им дадат надеж за иднината.
Глас на оние кои немаат глас
Синдикатот е повикан да биде глас на оние кои немаат глас – истакна Папата, кој посебно го сврте вниманието на младите кои често се принудени да прифаќаат привремени, несоодветни и ропски договори.
Затоа Светиот Отец ги охрабри членовите на синдикатот да бидат чувари во светот на работата, создавајќи сојузи наместо стерилни опозиции.
Луѓето се жедни за мир, посебно во овој историски момент и сечиј придонес е важен. Образованието за мир на работните места, често обележани со конфликти, може да стане знак на надеж за секого. Дури и за идните генерации.
Ватикан њуз/к.мк