Двете димензии на љубов, онаа кон Бог и онаа кон ближниот, се соединуваат, тоа е ознака за Христовите ученици – рече папата Фрањо на 4 ноември 2018 година за време на молитвата Ангел Господов на плоштадот Свети Петар во Ватикан и се осврна на евангелието од неделната Литургија (Марко 12,28-34) кое зборува за заповедта на љубовта кон Бог и кон ближниот.
Некој од книжниците го запраша Исус: „Која е прва од сите заповеди?” (Марко 12,28). А тој му одговори цитирајќи ја исповедта на верата со која секој Израелец го започнува и завршува денот: „Почуј, Израиле: Господ, нашиот Бог, е единствен Господ“ (5 Мојсеева 6,4) – цитираше Папата и објасни: На тој начин Израелот ја чува својата вера како темел за целото свое верување. Постои само еден Бог и тоа е нашиот Бог во смисла дека се поврза со нераскинлива врска, нѐ љубеше, нѐ љуби и секогаш ќе нѐ љуби.
Од тој извор, од таа Божја љубов за нас произлегува двојната заповед: „Возљуби Го Господа, твојот Бог, со сето свое срце и со сета своја душа, и со сиот свој разум, и со сета своја сила! Возљуби го својот ближен како себеси!“ – рече Светиот Отец и продолжи: Бирајќи ги тие заповеди кои Бог му ги даде на својот народ и соединувајќи ги, Исус еднаш засекогаш нѐ поучи дека љубовта кон Бог и љубовта кон ближниот не можат да се раздвојат, туку напротив, многу повеќе, се надополнуваат една со друга.
Иако едната ја следи другата, тие се две лица на еден ист медал – рече папата Фрањо и додаде: Ако се живеат заедно тие се вистинска сила за верникот! Да се возљуби Бог значи да се живее од Него и за Него, за она што Тој е и за она што Тој прави. Нашиот Бог е безрезервно дарување, безгранично простување, остварување кое поттикнува и дава да растеме. Затоа да се возљуби Бог значи секој ден да се вложува сопствената сила како би биле негови соработници во безрезервното служење кон својот ближен, во барањето на неограничено простување и во негување на заедништвото.
Евангелистот Марко не се труди да објасни кој е ближен, затоа што ближниот е личноста која секој ден ја среќаваме на својот пат – рече папата Фрањо и истакна: Не се работи за тоа да го избереме својот ближен, тоа не е христијански. Да мислиме дека нашиот ближен е оној кој ние сме го избрале, тоа не е христијански, тоа е пагански.
Станува збор за тоа да имаме очи како би го препознале и срце како би го посакувале неговото добро – рече Светиот Отец и напомена: Ако се вежбаме да гледаме како што гледа Исус, ќе настојуваме секогаш да слушаме и да бидеме секогаш покрај оној кој е во потреба. Потребата на ближните сигурно бараат делотворни одговори, но пред тоа бараат сочувство. Сликовито можеме да кажеме дека гладен човек нема потреба само од чинија супа, туку и од насмевка, некој да го сослуша и да моли за него, по можност да моли со него.
Денешното евангелие сите нѐ повикува да бидеме упатени не само кон итните потреби на најсиромашните браќа, туку пред сѐ да бидеме внимателни кон нивните потреби за братска близина, смисла на живот и нежност – рече Папата и истакна: Тоа е предизвик за нашите заедници. Се работи за избегнување на опасноста да се биде заедница која многу се ангажира, но малку остварува; опасност да се биде само „услужен сервиси“, но да овозможува малку заедништво, во полна христијанска смисла на тој поим.
Бог кој е љубов, нѐ создаде за љубов како би ги љубеле другите, останувајќи соединети со Него. Би се лажеле ако мислиме дека го љубиме ближниот без љубов кон Бог; исто така би се лажеле ако мислиме дека го љубиме Бог без љубов кон ближниот. Тие две димензии на љубовта, кон Бог и кон ближниот, се соединети, и се ознака на Христовите ученици. Блажена Девица Марија секојдневно нека ни помага да ја сфатиме и да ја сведочиме таа порака полна со светло – рече на крајот Светиот Отец.
Ватикан њуз/к.мк