Зборувајќи по неделниот Ангел Господов, папата Лав жали за тројцата жители на Газа убиени во нападот врз католичката парохија „Свето Семејство“ во градот Газа, за кој вели дека е „само еден“ од „континуираните“ напади врз луѓето и светите места во Газа.
Папата Лав XIV изрази „длабоко жалење“ поради неодамнешниот израелски напад врз католичката парохија во Газа и повика на „итно запирање на варварството“ во Газа.
Откако црквата „Свето Семејство“ беше нападната во четврток наутро, тројца од приближно 600 жители на Газа кои се засолнуваа таму беа убиени, а неколку други, вклучувајќи го и парохискиот свештеник отец Габриел Романели, беа повредени.
Зборувајќи во неделата по молитвата Ангел Господов во неговата летна резиденција во Кастел Гандолфо, Папата ги именуваше трите жртви – Саад Иса Костанди Саламех, Фумија Иса Латиф Ајад и Наџва Ибрахим Латиф Абу Дауд – и рече дека е „близок“ со нив и нивните семејства.
Папата Лав потоа нагласи дека нападот „е само еден од континуираните воени напади врз цивилното население и местата за богослужба во Газа“.
Папата апелираше за „итно запирање на варварството на војната“ и за „мирно решавање на конфликтот“. Тој ја повика меѓународната заедница да го почитува хуманитарното право и да ја почитува обврската за заштита на цивилите, „како и забраната за колективно казнување, неселективна употреба на сила и присилно раселување на населението“.
Папата Лав го заврши својот апел со порака упатена до „нашите сакани“ христијански заедници на Блискиот Исток, изразувајќи солидарност и разбирање за нивната болка. Тој рече дека е свесен оти многумина од нив се чувствуваат немоќни и мислат дека можат да направат многу малку пред трагичната состојба во која се наоѓа нивниот регион.
„Вие сте во срцето на Папата и на целата Црква“, рече тој. „Ви благодарам за вашето сведоштво на верата.“
Ватикан њуз/к.мк