По денешната пладневна молитва Папата Фрањо молеше за мир во светот. Гледајќи на оние кои се најзагрозени, посебно поради коронавирусот, Папата апелираше за запирање на сите војни и за затворениците во преполните затвори.
Изминатите денови Генералниот секретар на Обединетите нации упати апел за општо и итно помирување во сите делови на светот, потсетувајќи на моменталната криза поради коронавирусот кој не знае за граници. Тоа е апел за потполно примирје – рече Папата Фрањо после пладневната молитва и истакна: Се придружувам на сите кои го прифатија тој апел и сите ги охрабрувам да продолжат, за да се запре секоја форма на воено непријателство, промовирајќи воспоставување на хуманитарни коридори, отвореност на дипломатијата и внимание кон оние кои се најзагрозени.
Нека заедничката посветеност против пандемијата на коронавирус им помогне на сите да ја разберат потребата од зајакнување на братските врски како членови на едно човечко семејство. Нека особено на водачите на нациите и на другите заинтересирани страни ја поттикне обновливата посветеност за надминување на ривалството – рече Папата и истакна: Конфликтите не се решаваат со војна! Непријателството и спротивставеностите потребно е да се решаваат преку дијалог и конструктивно залагање за мир.
Во овој момент, на посебен начин мислам на сите луѓе кои страдаат од ранливост, бидејќи се принудени да живеат во група; на домовите за стари лица и касарните, а посебно сакам да ги спомнам затворениците. Читав еден службен извештај од Комисијата за човекови права кој зборува за проблемот со пренатрупаноста на затворите, што би можело да стане трагедија. Ги молам властите да бидат чуствителни на овој тежок проблем и да ги превземат потребните мерки за да се избегне можната трагедија – рече на крајот Светиот Отец.
Ватикан њуз/к.мк