Директниот пренос од утринските Литургиски славења на папата Фрањо привлече големо внимание, не само во Италија, туку и во целиот свет.
Католичкиот дневен весник Авенире и порталот Ватикан Њуз напишаа во среда на 20 мај 2020 година дека од почетокот на седмицата добиваат мноштво благодарности за директниот пренос од утринските Литургии кои ги предводеше Папата во Домот „Света Марта“ во Ватикан, а кои ватиканските медиуми и италијанска телевизија РАИ 1 ги пренесуваа од 9 март до 18 мај.
Ватикан Њуз истакнува дека од сите континенти добиваат коментари, фотографии и лични видео клипови со кои му заблагодаруваат на Папата што ги придружуваше во тешките моменти на изолација. На крајот на март, емитувањата со симултан пренос беа емитувани и во Кина, од почетни 300 следачи бројот наскоро се искачи на 8000.
Главниот уредник на католичкиот дневник Авенир Марко Таркињо истакна дека многумина им се јавуваат жалејќи што се прекинати директните преноси од утринските Литургии на Папата. За италијанската јавна телевизија Литургиите на Папата беа на врвот на гледаноста кој двојно се зголеми во тој час, а експертите говорат за „медиумска сензација“.
Ватикан њуз/к.мк