Од Сината џамија до пристаништето во Бејрут; објавена е програмата за патувањето на Папата во Турција и Либан
Еден месец пред заминувањето за Анкара, во понеделник, 27 октомври 2025 година, беше објавена официјалната програма на првото Апостолско патување на папата Лав XIV во тие две земји, со застанување во Изник, древна Никеја, по повод екуменската прослава на 1700-годишнината од Соборот. Папата ќе се сретне со претставници на локалните институции и Црквата, ќе потпише заедничка декларација со патријархот Вартоломеј и ќе се помоли на местото на експлозијата во Бејрут во 2020 година.
Девет говори, пет поздрави, две проповеди, институционални состаноци, екуменски прослави, молитви на гробовите на светците или на археолошките ископувања во Никеја, посета на Сината џамија, на центри за сиромашни и болни и на симболичното место на големата трагедија – пристаништето Бејрут. Тоа е патување полно со содржини и настани на кое папата Лав XIV ќе биде од 27 ноември до 2 декември, за време на кое ќе ги посети Турција и Либан. Ова патување – прво од неговиот понтификат – вклучува, меѓу главните фази, поклонение во Изник, сегашното име на древна Никеја, по повод 1700-годишнината од првиот Собор во историјата. Ова може да се прочита во официјалната програма објавена од Канцеларијата за печат на Светиот Престол точно еден месец пред заминувањето на Папата.
Значајни настани
Анкара, Истанбул, Изник, потоа Бејрут, Анаја, Хариса, Бкерке, се местата што ќе ги посети папата Лав, кој – како што самиот објасни – ќе патува во овие две земји за да ја исполни желбата на својот претходник папата Фрањо и да ја шири пораката за мир во тој дел од светот, ранет од војни и разни трагедии.
Програмата опфаќа неколку настани, почнувајќи со екуменската молитвена средба во близина на ископувањата на древната базилика „Свети Неофит“ во Изник, што ќе биде кулминацијата на прославата на 1700-годишнината од Никејскиот собор. Турција, исто така, ќе биде сведок на потпишување на заедничка декларација со патријархот Вартоломеј I од Цариград во Истанбул, како и посета на Сината џамија, една од најважните џамии во Истанбул, која ја посетија и папата Бенедикт XVI и папата Фрањо.
Во Либан, како што веќе беше споменато, планирана е посета на пристаништето Бејрут, местото на разорната експлозија што се случи во август 2020 година; молитва на гробот на Свети Шарбел Махлуф, монах-исцелител кој се смета за светец-заштитник на земјата, во манастирот во Анаја; и средба со персоналот и пациентите на либанската болница Џал ел Диб, првата болница за лица со ментални попречености, основана како дело на конкретно милосрдие.
Мотоа и логоа за патувањето
Покрај програмата, Канцеларијата за печат ги објави логоата и мотото на Апостолското патување на папата Лав XIV. Логото на патувањето во Турција прикажува круг што го опфаќа мостот над Дарданелите, алудирајќи на средбата меѓу Азија и Европа и на Христос како мост меѓу Бога и човештвото. Под мостот се видливи бранови што ја потсетуваат на водата за крштевање и езерото во Изник; од десната страна се издига крстот на Јубилејот 2025, додека горе лево, три испреплетени кругови ја претставуваат Светата Троица. Целиот визуелно го изразува мотото на патувањето: „Еден Господ, една вера, еден крст“ (Ефесјаните 4,5): кругот го симболизира единството Божјо, мостот единствената вера што ги обединува народите, а брановите крштевањето што ги преродува Божјите деца, поттикнувајќи го градењето братство и дијалог меѓу Истокот и Западот.
Лого и мото на патувањето на Папата во Либан
Логото на патувањето во Либан го прикажува Папата со десната рака крената во благослов, опкружен со гулаб што симболизира мир и кедрово дрво што го претставува Либан и неговата богата историја на вера и меѓуверска хармонија. „Крстот сидро“ на Јубилејот 2025, прикажан од десната страна, симболизира надеж цврсто втемелена во верата во Христос. Темно сината и бледо розовата боја, како и зелената и светло сината боја изразуваат спокојство, обединети со белата боја, што го одразува копнежот на Либан за мир. Мотото „Блажени се миротворците“, од Евангелието по Матеј, ја доловува главната порака на посетата: да се утеши либанскиот народ преку поттикнување на дијалог, помирување и хармонија меѓу сите заедници.
Ватикан њуз/к.мк

