Одржана трибина за богордичното светилиште во Гвадалупе

Одржана трибина за богордичното светилиште во Гвадалупе

Во недела 12 ноември 2023 година во парохиската сала на црквата „Раѓање на Свети Иван Крстител“ во Струмица се одржа третата, од серијата трибини за богородичните светилишта во организација на Деканатот Свети Кирил и Методиј при Струмичко – скопската епархија и Радио Марија и во соработка со парохијата „Раѓање на Свети Иван Крстител“ во Струмица. На трибината присуствуваше и Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх монс. д-р Киро Стојанов.

Во исполнетата сала на трибината за богородичното светилиштето во Гвадалупе зборуваше протојереј отец Гоце Костов, парох во парохијата Раѓање на Свети Иван Крстител“ во Струмица, директор на Радио Марија и главен и одговорен уредник на порталот Католици.мк.

На самиот почеток се осврна на објавувањата на Богородица низ историјата при што истакна дека тие придонесоа за големи преобраќања, многу необјасниви оздравувања, ширење на побожност кон Богородица и патувања на милиони ходочесници до светите места.

Предавањето отец Гоце Костов го концепира во три дела. Најпрво зборуваше за историскиот контекст на објавите во Гвадалупе, затоа што објавите се случуваат 12 години по освојувањето на териториите на денешно Мексико од страна на Шпанија и скоро 40 години по откривањето на Америка и првите мисионери фрањевци.

Во вториот дел се осврна на самите објави на Богородица во 1531 година на 57 годишниот Индијанец Хуан Диего и иконата на Богородица која се појавила на тилмата на Хуан Диего.

Во третиот дел зборуваше за новите научни сознанија поврзани со иконата на Богородица од Гвадлупе. Офталмолошките студии направени на очите на Марија откриле дека кога окото е изложено на светлина, мрежницата се собира, а кога светлината се повлекува, таа се враќа во првобитната состојба, токму онака како што се случува со живо око. Температурата на тилмата на Хуан Диего, изработена од материјал добиен од влакната на кактусот магај, одржува константно ниво од 36,5 °C, исто како и живо човечко тело. Потврдено е и дека боите лебдат на растојание од 0,25 mm над тилмата, додека потеклото на бојата исто така останува непознато. На иконата, во очите на Марија (со големина само 0,85 см) се откриени минијатурни човечки фигури кои ниту еден уметник не може да ги нацрта. Во двете очи се повторува истата сцена. Со користење на дигитална технологија, сликите во очите се зголемни неколку пати, откривајќи дека секое око ги одразува фигурите на индијанецот Хуан Диего како ја отвора тилмата пред бискупот Зумарага. Отец Гоце Костов истакна и други интересни факти за иконата, кои науката ги потврдува, а за некои нема одговори.

Дискусијата ја отвори епископот Стојанов посебно осврнувајќи се на базиликата во Гвадалупе, а беше проширена со повеќе прашања од присутните.

Трибината беше збогатена со музички нумери во изведба на млади од парохијата „Раѓање на Свети Иван Крстител“ – Струмица под водство на Томе Васиќ, а трибината ја модерираше м-р Данче Ичева.

Следната трибина за богородичните светилишта ќе се одржи во недела 26 ноември 2023 година со почеток во 18.00 часот во парохиската сала на црквата „Раѓање на Свети Иван Крстител“ во Струмица, на која Алескандар Аврамов ќе зборува за Меѓугорје.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот