Летниот распуст некогаш значеше двор, улица, точак, топка, криенка, сладолед, раскрварени колена и враќање дома дури кога ќе те викнат по име. Денес, за многу деца, распустот сè почесто значи телефон, слушалки, видеа, игри, бескрајно скролање и кратки реченици: „уште малку“, „само ова да заврши“, „сите се на телефон“.
Многу родители денес го имаат истото чувство. Би сакале детето да се одмори, но не само од училиште, туку и од екранот. Би сакале да го видат како трча, создава, чита, се дружи, се досадува, измислува игра, разговара, помага дома, оди во природа или барем поминува еден ден без постојана потреба да провери што има на телефонот.
Но тука започнува проблемот. Телефонот за детето често е игралиште, друштво, музика, телевизија, фотоапарат, тајна соба, статус меѓу врсниците и начин да не биде само. Затоа одземањето на телефонот, ако е направено грубо и без алтернатива, најчесто прераснува во расправија.
Сепак, искуството на многу родители и воспитувачи покажува нешто интересно: децата многу побрзо се адаптираат на живот без телефон отколку што возрасните мислат. Првиот отпор обично е најгласен. Потоа, ако има средина, друштво и активност што ги вклучува, децата почнуваат да откриваат дека светот надвор од екранот не е празен. Напротив, може да биде многу побогат.
Проблемот е во тоа што ние, возрасните, им го даваме телефонот како најлесно решение. Кога ни треба мир, кога сме уморни, кога не знаеме што да му понудиме му даваме екран. А потоа се чудиме зошто детето не знае да се досадува, да чека, да разговара или само да смисли игра.
Летото е добра можност за мал пресврт. Не мора тоа да биде драматична забрана. Може да започне со едноставно правило: еден дел од денот без телефон, заеднички ручек, вечерна прошетка излет во природа без телефон. Еден час пред спиење без екран. Малите правила, ако важат за сите во домот, можат да донесат голема промена.
Важно е правилата да не бидат само за децата. Дете кое гледа родител постојано со телефон во рака тешко ќе поверува дека екранот е проблем. Децата учат многу повеќе од нашите навики. Ако таткото и мајката не можат да седнат на маса без телефон, тешко е да очекуваат детето само да развие дисциплина.
Но не треба само да се одземе телефонот, потребно е да се понуди нешто за возврат. Дете без телефон, но и без внимание, без друштво, без игра и без простор за креативност, природно ќе се врати кон екранот. Затоа најважно е што ќе м се понди на детето кога ќе го остави настрана.
Можеби ќе открие дека знае да црта. Дека разговорот со баба и дедо може да биде интересен. Дека има пријатели со кои може да се игра и без интернет.
Многу деца летото го поминуваат дома, кај баба и дедо, во село, во роден крај, на езеро, во парохиски активности, кампови или едноставно во маало. Токму тие средини можат да бидат прекрасна шанса за враќање кон поедноставен и поздрав ритам. Не мора секој одмор да биде скап за да биде добар. Понекогаш најдобриот одмор за детето е оној во кој некој ќе го забележи, ќе го вклучи, ќе му даде задача, ќе го пофали и ќе му дозволи да биде дете.
Одморот без телефон не значи враќање во минатото по секоја цена. Телефоните се дел од современиот живот и децата треба да научат мудро да ги користат. Но мудроста не се создава сама. Таа се воспитува. А воспитувањето почнува со граници, пример и љубов.
Можеби најголемата заблуда е дека децата не можат без паметен телефон. Можат. Но не можат без внимание, без љубов, без возрасни кои ќе им покажат дека животот не се случува само на екран.
Летото е добра можност да им го покажеме тоа.
к.мк

