Објавена е програмата за посетата на Папата на јужноамериканските земји Чиле и Перу, која ќе трае од 15 до 22 јануари 2018 година.
Папата Фрањо во Чиле ќе пристигне на 15 јануари навечер, а на 16 јануари ќе биде во главниот град Сантијаго, каде утрото според локално време ќе се сретне со претставници на власта, на општеството и дипломатскиот кор, а потоа и со претседателката на Чиле, Вероника Мишеле Бачелет Џери.
По светата Литургија, ќе го посети женскиот затвор во Сантијаго, а потоа ќе се сретне со свештениците, монасите, монахињите и семинаристите во градската катедрала. По завршувањето на таа средба, Папата ќе се сретне со чилеанските епископи во катедралната сакристија. Папата Фрањо денот ќе го заврши со приватна посета на светилиштето на светецот исусовец Алберто Хуртада кој се посветил на работа со сиромашните, бездомниците како и младите, и ќе се сретне со браќата исусовци во Чиле.
Наредниот ден, 17 јануари, Светиот Отец ќе замине во градот Темуко кој се наоѓа во регионот Арауканија, родниот крај на племето Мапуче. По светата Литургија во аеродромот, Папата ќе руча заедно со локалното население на Арауканија. По завршувањето на ручекот, ќе се врати во Сантијаго каде во светилиштето Маипу ќе се сретне со младите. На крајот од денот е предвидена и посета на Папскиот католички универзитет во Чиле каде ќе одржи говор. Папата Фрањо својата посета на Чиле ќе ја заврши на 18 јануари и тоа со света Литургија во градот Икике, кој се наоѓа на северот од земјата.
Истиот ден ќе се упати кон главниот град на Перу, Лима, каде во петок наутро, 19 јануари ќе се сретне со преставници на власта, општеството и дипломатскиот кор, а потоа ќе го посети претседателот Педра Пабло Кучински. По таа средба ќе отпатува во Пуерто Малдонадо кој се наоѓа во Амазонија, а таму на распоредот се две средби и ручек со претставници на амазонските народи. Ќе ја посети и социјалната институција Хогар Принципито, а после тоа ќе се врати во Лима каде ќе се сретне со браќата од Дружбата Исусовци.
Следниот ден на 20 јануари, Папата ќе биде во крајбрежниот град Трухило, каде ќе ја предводи светата Литургија, а на распоредот се меѓу останатото кратка посета на катедралата и средба со свештениците, монасите, монахињите и семинаристите. Во вечерните часови ќе се врати во Лима.
Последниот ден од посетата на Папата на Перу е паѓа во недела, 21 јануари. Најпрво утрото ќе се моли заедно со припадниците на контемплативните заедници во светилиштето Сењор де лос Милагрос, а после тоа ќе ја посети катедралата каде ќе се моли пред моштите на перуанските светци. Во надбискупската палата потоа ќе се сретне со епископите на таа земја, а потоа на распоредот е молитвата Ангел Господов. Својата посета на Перу ќе ја заврши со свечено литургиско славење во воениот аеродром „Лас Палмас“. Папата во вечерните часови ќе замине за Рим, каде ќе пристигне следниот ден на 22 јануари, во попладневните часови.
РВ/к.мк