Сега преминувам на опишување на објавите на Пресвета Богородица. Не се осврнувам на околностите кои претходеа на тоа, ниту на оние кои потоа следуваа, затоа што од тоа ме ослободи дон Галамба.
Прва објава
Тринаесетти мај 1917 година. Додека со Јацинта и Фрањо си играв на ридот над Кова де Ирија, подигнувајќи се ѕид околу шумичката, забележавме одеднаш еден вид блесок.
- Подобро да тргнеме дома – им реков – Се светка, доаѓа невреме.
- Одиме, одиме! – одговорија.
Веднаш започнавме да се спуштаме низ падината гонејќи ги овците кон патот. Пристигнувајќи некаде на средината на падината, во близина на едни извори, видовме друг блесок.
Правејќи неколку чекора понатаму, ја забележавме на еден извор Пресвета Богородица, облечена во белина, посјајна од сонцето, која ја одржуваше светлината блескава колку што тоа не може сад од кристал, полн со најбистра вода, исполнет со светло сонце.
Застанавме изненадени од појавата. Бевме толку близу што се наоѓавме во кругот на светлината што ја расфрлаше и кој Неа ја опкружуваше, најмногу околу метар и половина оддалеченост. Тогаш Пресвета Богородица рече:
- Не плашете се, нема да ви направам никакво зло!
- Од каде си ти? – ја прашав.
- Доаѓам од небото.
- И што сакаш од мене?
- Дојдов да барам од вас во текот на шест месеци постојано, на секој тринаесетти ден во месецот, да доаѓате овде во истото време. Тогаш ќе ви кажам која сум и што сакам. А потоа овде ќе се вратам и седми пат.
- А дали јас ќе дојдам во Небото?
- Да.
- А Јацинта?
- И таа.
- А Фрањо?
- И тој, но мора да ја измолите својата Бројаница.
Тогаш се сетив да ја прашам за судбината на две девојчиња кои неодамна умреа. Тие беа мои пријателки.
- Марија дас Невес, дали таа е веќе во Небото?
- Да, таму е!
(Мислам дека имаше околу 16 години)
- А Амелија?
- Ќе остане во чистилиштето до свршетокот на светот!
(Ми се чини дека таа имаше помеѓу 18 и 20 години)
- Дали сакате да му ги принесете на Бог сите страдања кои ви ги испраќа како надомест за гревовите со кои Бог е навредуван и како молитва за преобраќање на грешниците.
- Да, сакаме!
- Добро. Многу ќе трпите, но милоста Божја ќе ве зајакнува.
Додека ги изговараше последните зборови (милоста Божја), ги рашири прв пат рацете, после што кон нас се фрли бран светлина кој од неа се просејуваше и така длабоко ни продираше во душата и себе се видовме во Бог, кој беше таа светлина, и се видовме појасно отколку да сме се гледале на најострото огледало.
Тогаш, со силата на внатрешен поттик, кој исто така ни беше даруван, паднавме на колена и започнавме срдечно да повторуваме:
„Пресвето Тројство, Јас ти се поклонувам! Боже мој, Боже мој, те љубам во Пресветата Тајна Евхаристија!“
Кога тие први моменти поминаа, Пресвета Богородица додаде:
„Молете света Бројаница секој ден за да измолите мир во светот и свршеток на војната!“
Тогаш ведро се воздигна, тргна во насока на исток и исчезна во бескрајната оддалеченост. Светлината која ја опкружуваше, како да го пробиваше патот кон ѕвездите, а тоа беше причината, не знам по кој пат се изразувавме, како да го видовме Небото како се отвора.
Ми се чини дека веќе кажав во текстот за Јацинта или во некое писмо дека ние не се исплашивме од Пресвета Богородица, туку од невремето за кое поверувавме дека доаѓа. Сакавме да побегнеме од бурата. Објавата на Пресвета Богородица не нè исплаши, туку нè изненади, тоа да!
Кога ме прашуваа дали ми било страв, а јас одговорив да, тоа се однесуваше на стравот од невремето, од него сакавме да побегнеме, бидејќи за молскање знаевме само кога грми.
Блесокот всушност не беше молња, туку светлината која се приближуваше. Гледајќи како таа светлина се приближува, ние не знам по кој пат кажавме дека ја видовме Пресвета Богородица како доаѓа. Всушност, ние ја препознавме Пресвета Богородица дури тогаш кога таа се спушти на изворот.
Избегнувајќи одговори и не знаејќи точно да се изразиме, се изјаснувавме не знам по кој пат дека ја видовме како доаѓа, а вториот пат дека не сме ја виделе како доаѓа. Во првиот случај се работеше за приближувањето на светлината, во вториот за објавата на Девицата кога се појави на изворот.
Фатимска порака: Луција говори/к.мк