После осум дена од Божиќ Исус беше обрезан, момент во кој се исполнува таинството на Исусовото овоплотување. Знаеме дека обрезанието бил и е обред за зачленувањето во еврејскиот народ, еден вид на почеток: на овој начин обрезаното бебе станува „носител“ на Авраамовите ветувања и на неговото потомство. Обрезанието го прави Исус совршен член на ветениот народ, но родениот од Витлеем ќе го ослободи од истиот закон за да им го донесе милосрдието и да ги спаси преку верата на сите луѓе.
Токму на осмиот ден на ова Бебе родено во Витлеем „му беше ставено името Исус, како што беше навестено од ангелот пред да биде зачнато во утробата на Марија“. “Исус“ значи Спасител, Бог спасува, Бог е спасението. Божјото име се открива во Исус, кој во својот велигденски настан ја открива љубовта на Отецот. Живеејќи ја послушноста сѐ до крстот, ова новороденче во Витлеем добива ново име кое значи „Бог спасува“.
Преку Исусовото име сме повикани да се помириме со нашето име, според планот кој Бог Отец отсекогаш го имал за нас. Да го откриеме значењето и на нашето име, а исто така и нашиот светец – заштитник кој секогаш посредува за нас кај Исус, нашиот Спасител.
„Името“ во Библијата означува еден однос. Преку свештеничкото посредување, Бог своето Име го става врз својот народ, т.е. го повикува на однос со самиот Себе, дозволувајќи му да живее во негово заедништво. Тоа се плодови на неговиот благослов и мир.
На почетокот од секоја нова година Бог потсетува на овој благослов и ја обновува сигурноста дека народот никогаш не е напуштен од Бога, сега кога неговото лице е објавено во Исус и дека неговото доаѓање било придружувано со пеење од страна на ангелите како носители на мирот: „Слава на Бога во висините, а на земјата мир на луѓето со добра волја“.
Нашата иднина како верници не е завиена во енигматска темнина на мистериозни сили, туку во голема светлина од Провидението на Отецот кој го испрати својот Син, во човечко тело, за да ни го открие планот на спасението, на животот и на среќата.
Обожавајќи го и повикувајќи се на името Исусово ние христијаните ја објавуваме оваа надеж, ја живееме оваа вера, се потпираме на оваа сигурност. Само Исус е спасителот на сите и на секој. Да го изградиме нашиот живот врз Исус Христос и да делуваме во неговото име во секој момент од новата година и од целиот наш живот.
Франко Чекин/З.А.
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк