Прославата со која официјално започнува понтификатот на папата Лав XIV на 18 мај е свечена Литургија. Обредот ја истакнува врската со апостол Петар и неговото мачеништво, кое е поттик за раната Црква во Рим, како и значењето на „Петровите“ епископски симболи кои му се предаваат на Папата: Палиумот и Рибарскиот прстен.
Со евхаристиско славење кое ќе се одржи на 18 мај во 10:00 часот (ЦЕТ) во базиликата и плоштадот Свети Петар, римскиот бискуп Лав XIV свечено ја започнува својата Петрова служба како наследник на апостол Петар и, со тоа, како пастир на Католичката Црква. Како што објаснува Папската канцеларијата за литургиски славења, обредот содржи повеќе моменти исполнети со голема симболика, особено во врска со древните епископски симболи поврзани со Петар: Палиумот и Прстенот на рибарот.
Палиумот
Палиумот е литургиска облека изработена од јагнешка волна. Го претставува ликот на Добриот Пастир кој ја носи загубената овца на своите рамења и го потсетува на тројниот одговор на Петар на повикот на Воскреснатиот Господ да ги пасе Неговите јагниња и овци. Како што пишува Симеон Солунски во De sacris ordinationibus, Палиумот „го претставува Спасителот кој, сретнувајќи нè како загубена овца, нè носи на своите рамења; со тоа што ја прими нашата човечка природа во Воплотувањето, ја обожи, нè принесе на Отецот преку Својата смрт на Крстот, и нè возвиши преку Воскресението.“ Тоа е трака која се носи на вратот, обвиткана околу рамената. Има два црни краја (напред и назад), шест црни свилени крстови — по еден на секој крај и четири на кружниот дел што оди преку рамената — и е украсена напред и назад со три игли (aciculae), симболизирајќи ги трите клина на Христовото распетие.
Рибарскиот прстен
Рибарскиот прстен има посебно значење како прстен со печат, кој го претставува печатот на верата која му е доверен на Петар за да ги зацврсти своите браќа. Наречен е „Рибарскиот прстен“ затоа што Петар, поверувајќи на Исусовиот, со чудесен улов ги извлече мрежите полни со риба.
Кај гробот на Свети Петар
Литургијата започнува внатре во базиликата Свети Петар. Во придружба на Патријарсите на Источните Цркви, новиот римски понтиф се спушта до капелата на Гробот на Свети Петар, каде се задржува во молитва и потоа го кади местото. Овој момент ја нагласува големата врска меѓу Римскиот бискуп и апостол Петар, кој заедно со многу други христијани сведочеше за верата со својата крв токму на тоа место.
Два ѓакони потоа го земаат Палиумот, Рибарскиот прстен и Евангелието и во процесија се упатуваат кон олтарот поставен пред базиликата, на плоштадот Свети Петар.
Во предворјето на базиликата Свети Петар
Папата Лав XIV се приклучува на процесијата додека се пее Laudes Regiae — литанија која ги повикува во застапништво светите папи, маченици и светци на Римската Црква. Од централната врата на базиликата е поставена таписерија што го прикажува чудесниот улов на риби, со сцената на дијалогот меѓу Исус и Петар — централна тема во Литургијата на Словото и целото славење. Станува збор за репродукција на фламанската таписерија изработена според цртеж на Рафаело за Сикстинската капела, која денес се чува во Ватиканскиот музеј.
Покрај олтарот се наоѓа икона на Пресвета Богородица од Добриот Совет од Маријанското светилиште во Џенацано.
Обредот продолжува со благослов и поросување со света вода, бидејќи е недела во Велигденскиот период. Потоа следува пеењето на „Слава на Бога“ и Соборната молитвата, која потсетува на планот на Отецот да ја изгради својата Црква врз Петар.
Литургија на Словото
Потоа започнува Литургијата на Словото. Првото Читање, кое се чита на шпански, е од Дела на Апостолите (Дела 4, 8–12), каде Петар го објавува Христос како „каменот што го отфрлија градителите“. Псалмот (Псалм 117 [118]), се чита на италијански и зборува повторно за сликата за „каменот“: „Каменот што го отфрлија ѕидарите стана камен аголник.“
Второто читање, исто така на шпански, е од Првото Петрово Послание (1 Петар 5, 1–5.10–11), и ја нагласува врската меѓу Петар, Црквата во Рим и службата на неговиот наследник.
Евангелието, пасус од Иван (Иван 21, 15–19), се чита на латински и грчки, и го пренесува моментот кога Исус трипати го прашува Петар дали го љуби: „Паси ги Моите јагниња“ и „Паси ги Моите овци“ — еден од основните текстови за единствената улога на Петар меѓу Дванаесетте апостоли.
Предавање на Петровите епископски симболи
По читањето на Евангелието, тројца кардинали од трите реда (ѓакони, презвитери, епископи), секој претставувајќи различен континент, му пристапуваат на Лав XIV. Првиот му го поставува Палиумот; вториот изговара посебна молитва за Божја присутност и помош над Папата.
Третиот, исто така, моли, повикувајќи го Христос, „Пастирот и Епископот на нашите души,“ — кој ја изгради Црквата врз каменот Петар, кој исповеда дека тој е „Синот на Живиот Бог“ — молејќи на новиот Папа да му го даде Рибарскиот прстен, а потоа му го предава прстенот на Лав XIV.
Овој дел завршува со молитва до Светиот Дух, молејќи тој да го исполни новиот Папа со сила и кротост во чувањето на Христовите ученици во единство. Потоа Папата ги благословува присутните со Книгата на Евангелието додека се пее „Ad multos annos!“ („На многу години!“) на грчки јазик.
Обред на послушност
Следи симболичниот обред на послушност, во кој дванаесет претставници од различните категории на Божјиот народ од целиот свет му искажуваат послушност на Папата. Славењето продолжува со проповедта на Светиот Отец.
Потоа се пее „Верувам“, проследено со Молитвата на верните, со прозби на португалски, француски, арапски, полски и кинески јазик. Се молат молитви за вселенската Црква, за Римскиот Папа за започнувањето на неговото служење, за оние кои имаат јавна власт, за сите што страдаат или се во неволја, и за присутните верници.
Евхаристиска служба
Додека се пее приносната песна „Tu es pastor ovium“ („Ти си Пастир на овците“), се моли молитвата над даровите леб и вино, преку мисионерската служба на Црквата, плодовите на откупувањето да го допрат целиот свет. Папата Лав XIV потоа ја моли Првата Евхаристиска молитва (Римскиот Канон), по што следи Причест. На крајот, Папата моли Бог да ја зацврсти Црквата во единство и љубов, и да го спаси и заштити него самиот, заедно со стадото што му е доверено.
Завршнен обред
Пред завршувањето на славењето, Папата упатува кратко обраќање. По пеењето на „Regina Caeli“, тој го дава свечениот благослов, кој е исполнет со библиската слика на лозјето, применета на Црквата. Се моли Господ да го„погледне“ и „заштити“ лозје што Самиот го насади, и моли Неговото спасително лице да „засвети“ врз сите.
Ватикан њуз/к.мк