Обраќање на монс. Стојанов на видео конференцијата по повод Првата годишнина од посетата на папата Фрањо во Македонија

Обраќање на монс. Стојанов на видео конференцијата по повод Првата годишнина од посетата на папата Фрањо во Македонија

На 7 мај 2020 година преку Youtube каналот на Радио Марија се одржа видео конференција по повод Првата годишнина од посетата на папата Фрањо на Македонија. Конференцијата ја отвори домаќинот, монс. Киро Стојанов и во оваа прилика го пренесуваме во целост неговото обраќање.

Колку се релевантни овие зборови на Светиот Отец Папа што ни ги кажа пред една година овде во Скопје. Тој вели дека не можете да живеете во изолација меѓу четири sида, а ние денес, заради пандемија, сме принудени да бидеме меѓу четири sида – сепак, сметаме дека е важно и се чувствуваме одговорни и повикани да бидеме градители на заедништвото – на што и Папата нѐ повика и охрабри во оваа наша разновидност. Токму на тоа денес и преку оваа видео конференција сакаме да сведочиме и да го продолжиме нашето заедничко патување.

Ваша Еминеција, Eccellenza Reverendissima, Ваше Блаженство, Ваши Екселенции, почитувана Господо од Македонија и Регионот, поздрав до сите и добродојдовте на оваа виртуелна интернетска конференција по повод годишнината од Апостолската посета на Светиот Отец Папа Фрањо на Македонија, а воедно ви благодарам на одзивот и одвоеното време.

Долгу очекуваниот сон со голема подршка и силна препорака од Неговата Екселенција Монс. Анселмо Гуидо Пекорари, апостолски нунциј во  Македонија се оствари на 7 мај 2019 година. Светиот Отец Папа лично ја одреди датата најавувајќи го своето доаѓање во Скопје, главниот град на Република Македонија и родниот град на нашата Голема светица св. Мајка Тереза.

За гесло ги избравме евангелските мисли кои се секогаш „нови“ и силни, бидјеќи се Исусови: „Не палши се, мало стадо“ (Лк 12,32). Сакавме тоа да ни го порача и Христовиот намесник на земјата и Петров наследник. Навистина тоа и го стори. Со своето доаѓање и едноставниот и отворен пристап ширеше атмосфера на голема радост и неизмерно задоволство.

Светиот Отец имаше шест главни настапи овде во Скопје: Во Претседателската палата пред државните власти, граѓанското општество и дипломатскиот кор, во Спомен куќата на св. Мајка Тереза со верските лидери на Земјата, во амфитеатарот пред Спомен куќата средба со социјално ранливата категорија луѓе, Централната Понтификална св. Литургија на Плоштадот Македонија пред околу 15.000 верници, додека во дворот на Катедралата се одржа екуменска незаборавна средба со младите и во Катедралата Пресвето Срце Иусово средба со свештениците, нивните семејства и монашките заедници.

Светиот Отец Папа фрањо со своето доаѓање меѓу нас ја донесе својата лична вера, надеж и љубов, но и верата, надежта и љубовта на апостослкиот првенец св. Петар и со тоа ја распали верата, надежта и љубовта кај многумина овдешни луѓе, но сигурно и кај многу луѓе што го следеа неговиот престој во Скопје преку социјалните мрежи. За тоа сум благодарен на Бога и на Светиот Отец Папа.

Неговото доаѓање, неговите зборови и неговиот гест ја покажаа неговата веродостојност – дека е Божји пријател и пријател на луѓето.

Светиот Отец Папа го доиживеавме како поклоник на мирот и дијалогот, како солидарен поддржувач на многумина од нас, особено искушуваните и угнетените, близок до младите и возрасните, до верниците лаици, семјествата, до лицата во духовното звање и во политички одговорните служби.

Тој со својата присутност направи да имаме помирна и посреќна иднина како за католиците така и за не-католиците на нашата земја, покажа дека и во еден ваков мозаик можеме да бидеме сплотени.

Нѐ охрабри, уште порешително да ја распалиме нашата жива вера, христијанска надеж и ефективна љубов, дар што го носиме во себе, како личен Божји дар, наменет не само за нас, туку преку нас на корист за многумина околу нас.

На нас е, и задача и одговорност Божјиот дар што го примивме при Апостолската посета на Папата со Божја помош да го направиме што поплодоносен за оваа наша но и за идните генерации во нашата земја и пошироко.

Од самото слетување на авионот на Скопскиот аеродром до неговото заминување кон Рим над градот Скопје и во градот лебдеше духот на Христовиот намесник, духот на заедништвото, радоста и мирот. Многумина, што дојдоа да ни го искажат тоа заедништво и близина заминаа со тој исполнет дух и беа воодушевени што имаа можност да го сретнат Папата, да го видат, да го слушнат и заедно со него да бидат во молитвата. Тој добар дух и таа Папина близина и топлина сакаме денес заедно да ја споделиме со сите вас при оваа Конференција.

При оваа пригода сакам да искажам и една голема благодарност за вашата присутност при посетата на Неговата Светост меѓу нас и голема благодарност до персоналот на Државните и црковните иснтитуции при подготовката за доаѓањето на Светиот Отец Папа Фрањо за нивната неизмерна и несебична пожртвуваност, благодарност до хористите, волонтерите, медицинскиот персонал, безбедносните структури, новинарите и до секој поединец.

Посакувам, Тој Божји дух, и благословот што ни го упати Светиот Отец Папа, засекогаш да остане меѓу нас, а со Него идухот на нашата Светица св. Мајка Тереза како и духот на Неговата и наша Мајка Марија.

 

 

 

Категорија: Вести, Македонија

За авторот