Дикастеријата за комуникации го претстави обновениот дизајн на официјалната веб-страница на Светиот Престол – vatican.va. Новиот изглед има за цел да го направи црковното учење подостапно и поразбирливо за пошироката јавност.
Во соопштението на Ватикан се нагласува дека новата почетна страница овозможува полесно пребарување и пристап до документите на папата Лав XIII и неговите претходници. Реформата е резултат на долготрајна уредувачка и техничка работа, спроведена во повеќе фази, со намера да се пренесе богатото духовно и културно наследство на страницата – активна од декември 1995 година – во современ и функционален облик.
За да се обезбеди лесен за користење, на проектот работеа тимови со различни стручности: уредничкиот тим, задолжен за објавување на официјалните документи и за обезбедување пристапност до содржината, како и техничкиот тим од одделот, кој ја разви новата основа на страницата. Тие го реализираа концептот на перуанскиот дизајнер Хуан Карлос Ито (TMB_Lab), учесник во образовната програма „Комуницирање на верата во дигиталниот свет“.
„Проектот треба да ја покаже прегратката на Црквата во дигиталниот простор“, изјави дизајнерот, објаснувајќи ја инспирацијата зад новиот изглед. „Тоа беше првата мисла што ми се јави кога дознав за иницијативата да се обнови официјалната веб-страница на Светиот Престол. Се раководев според духот и обликот на плоштадот Свети Петар, дело на Бернини: Црква со раширени раце, отворена за сите – обновена, пристапна, јасна и современа. Палетата на бои е инспирирана од небесносината на римското небо, хармонично споена со топлите тонови на травертинскиот камен. Небо и земја, материјалност и длабочина. Златните нијанси го симболизираат божественото, додека светлосивите и белите тонови ѝ даваат на страницата леснотија и внатрешна светлина. Почетната страница прикажува големи, изразити фотографии кои ја претставуваат живата Црква – постојано во движење“, завршува Ито.
Ватикан њуз/к.мк