На 19 март Светиот Отец го прими во аудиенција кардиналот Анџело Беку, префект на Конгрегацијата за прогласување на светци, и ја овласти конгрегацијата да прогласи 9 нови блажени и да ги признае херојските крепости на пет Божји слуги.
Со декретите им се признава мачеништвото на седум епископи од источен обред од Романија за време на комунистичкиот режим во земјата. Тие се Валериу Трајан Френциу, Василе Афтение, Јоан Сучу, Тит Ливиу Кинезу, Јоан Бјалан, Александру Русу и Јулиу Хосу – сите убиени од омраза кон верата на различни места во Романија помеѓу 1950-1970 година. Во литургискиот календар на Католичката црква во Романија веќе се слави споменот на шест блажени: тројца епископи од латински обред и дијацезанскиот свештеник Владимир Гика исто така убиени од омраза кон верата за време на комунизмот. Другите двајца блажени се богопосветени лица: едниот брат капуцин и Вероника Антал терцијарка францисканка, која беше прогласена за блажена во септември 2018 година.
Се признава мачеништвото на италијанскиот мисионер слугата Божји Алфредо Кремонези свештеник во Папскиот институт за странски мисии. Роден е во Рипалта Гуерина (Италија) на 16 мај 1902 година и е убиен од омраза кон верата во Доноку (Мјанмар) на 7 февруари 1953 година.
Исто така се признава чудото за застапништвото кое се припишува на слугинката Божја Марија Емилија Рикелме и Зајас од Шпанија основателка на Конгрегацијата на сестрите мисионерки на Пресветото Таинство и Непорочната Дева Марија. Родена е во Гранада (Шпанија) на 5 август 1847 година и таму умира на 10 декември 1940 година.
Со декретите се признаваат хероските крепости и на петмина духовници од Италија: дијацезанскиот свештеник Франческо Марија Ди Франча, основател на Конгрегацијата на Сестрите капуцинки на Пресветото Срце (1853-1913); на слугинката Божјата Марија Хуебер, основателка на Конгрегацијата на Сестрите терцијарки на свети Франциск (1653-1705); на слугинката Божја Марија Тереза Камера основателка на Конгрегацијата Ќерки на Дева Марија на сочувството (1818-1894); слугинката Божја Марија Тереза Габриели, сооснователка на Конгрегацијата на Ќерките на бедните (1837-1908); слугинката Божја Џована Франческо на Светиот Дух со световното име Луиза Ферани, основателка на Институтот на Сестрите францисканки мисионерки на Овоплотеното Слово (1888-1984)
Ватикан њуз/к.мк