Треба да го надминеме себичниот менталитет на закониците кој секогаш осудува – предупреди папата Фрањо на светата Литургија на 20 јануари 2017 година во домот Света Марта.
Започнувајќи од првото литургиско читање, Папата размислуваше како новиот сојуз кој го склопува Бог со нас преку Исус Христос го обновува нашето срце и го менува нашиот менталитет.
Бог обновува сѐ „од корен, а не само надворешно.“ Во својата проповед Светиот Отец се фокусираше на првото литургиско читање, делот од Посланието до Евреите, кој е насочен на повторното создавање кое Бог го остварува во Исус Христос. „Овој нов сојуз – рече – има свои карактеристики.“ Првата карактеристика е „дека законот Господов не е начин за надворешно однесување,“ туку влегува во срцето и „го менува нашиот менталитет.“ Во новиот сојуз – продолжи Папата – „се случува промена на срцето, промена на чувствата, на нашиот начин на постапување“, се менува нашиот начин на гледање на работите.
Надмини го себичниот менталитет на закониците кои знаат само да осудуваат
Светиот Отец го даде примерот за архитектот, кој на некое дело може да гледа ладно, полн со завист или со радост, „добронамерно:“ „Новиот сојуз ни го менува срцето и ни овозможува да го видиме законот Господов со ова ново срце, со овој нов ум: Да се присетиме на закониците кои го прогонувале Исус. Тие правеле сѐ што било пропишано со законот, го имале правото на малиот прст. Но со својот менталитет биле далеку од Бог. Нивниот менталитет бил себичен менталитет, фокусиран на нив самите. Нивното срце било срце кое осудува, кое секогаш осудува. Новиот сојуз го менува нашето срце и нашиот ум. Воедно се случува и промена на менталитетот.“
Бог ги простува нашите гревови, новиот сојуз го менува нашиот живот
Господ – додаде Папата – „оди напред“ и ни гарантира дека ни ги простил нашите гревови и дека повеќе не се сеќава на нив. „Понекогаш сакам да се пошегувам со Господ – рече Светиот Отец – и му велам: „Ти немаш добро паметење!“ „Божјата слабост е следната: кога простува, Тој заборава:“
„Тој заборава затоа што простува. Пред скрушеното срце, простува и заборава: „Ќе заборавам, нема да се сеќавам на нивните гревови.“ Но, ова воедно е повик да не го потсетуваме Господ на нашите гревови и повеќе да не грешиме: „Ми прости, заборави, но јас морам…“ Промената на животот, новиот сојуз ме обновува и ми овозможува да го променам животот, не само менталитетот и срцето, туку животот. Да се живее: без грев, далеку од гревот. Тоа е повторно создавање. Така Господ секој од нас повторно го создава,“ рече папата Фарњо.
Господ го менува нашето срце за да го промени нашиот менталитет
Конечно, Папата го насочи своето внимание на третата карактеристика, „промена на припадноста.“ Ние му припаѓаме на Бог, „други богови нема,“ „тие се глупости.“ „Промената на менталитетот“ и „промената на срцето го менува нашиот живот и нашата припадност.“ Тоа е „повторно создавање кое епоубаво отколку првото создавање.“ Да побараме од Господ – поттикна Светиот Отец – верно да одиме напред во тој сојуз.“
„Печатот на тој сојуз е верноста, да се биде верен во тој дел кој Господ прави за да го промени нашиот менталитет, за да го промени нашето срце. Пророците повикуваат: „Господ ќе го промени твоето срце од камен во срце од месо.“ Промена на срцето, промена на животот, да не го потсетуваме Господ на своите гревови, не греши повеќе и промени ја својата припадност: никогаш да не припаѓаме на световноста, на духот на светот, на глупостите на светот, туку да припаѓаме само на Господ, рече на крајот папата Фрањо.
РВ/к.мк
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк