Недела на светите Отци

Недела на светите Отци

Помеѓу празникот Вознесение Христово и Слегувањето на Светиот Дух е неделата посветена на отци од првиот Вселенски собор. На прв поглед, нема никаква врска со овие празници. Вознесението и слегувањето на Светиот Дух се тесно поврзани во времето и значењето. Слегувањето на Светиот Дух е последица и кулминација на Христовото вознесение на небото и исполнување на Неговото ветување до апостолите дека ќе им испрати Дух Утешител за да им помогне во нивното послание, ширењето на Радосната вест.

Првиот вселенски собор во Никеја временски е оддалечен 300 години од овие настани и нема директна врска со апостолите. Но, зборовите од Евангелието од оваа недела во нивната содржина ни го откриваат неговото значење, го покажуваат како духовен мост помеѓу Вознесението Христово и Слегувањето на Светиот Дух.

Евангелистот Иван ни зборува за молитвата на Исус Христос на Последната вечера. Преку неа, Спасителот ги потсетува апостолите за целта на Неговото доаѓање на земјата, односно да го објави на човечкиот род вистинскиот Бог и го моли Небесниот Отец да ги зачува во заедништво меѓу нив и со Бога. Ова единство на вера и љубов меѓу учениците е важно за Исус затоа што ќе им ја открие на народите вистинската слика на Бога. На крајот на краиштата, Исус Христос им го објави на апостолите Бог како заедништво на Отецот, Синот и Светиот Дух, соединети со совршена љубов. Кога меѓу апостолите ќе има едно такво единство, тие ќе станат жива слика, одраз на вистинскиот Бог за другите луѓе. Зајакнати со благодатта на Утешителот, апостолите успешно ќе можат да го извршат своето послание.

Оваа слика за Бога беше прифатена и проповедана од наследниците и следбениците на апостолите – Светите Отци. Во 325 година, Црковните отци се собрале на Никејскиот собор да го бранат образот Божји, осудувајќи ги лажните учења на Ариј за Христа дека Тој не бил Божји Син соединет со Отецот и Светиот Дух. На овој начин тие ја задржаа верата во единствениот вистински Бог, кого го запознаа преку Исус Христос и со  дејствувањето на Светиот Дух.

Примерот на Отците на Првиот вселенски собор ни покажува дека апостолите биле духовен мост на верата помеѓу Исус Христос и отците на Црквата. На ист начин, Светите Отци станаа таков мост на верата во единствениот вистински Бог помеѓу апостолите и следните генерации христијани.

Слично на тоа, ние мора да бидеме таков духовен мост на верата и образот на Бога помеѓу нашите претходници и идните генерации. За да го направиме ова, треба да го запознаеме Бога подлабоко преку Исус Христос и тоа преку усрдната молитва, Светото Писмо и Светите Тајни. Тоа е со цел за да создадеме поблиска врска на љубов со нашиот Бог, да станеме членови на заедницата на Отецот, Синот и Светиот Дух. На овој начин можеме да го исполниме светот со зборови и дела со вистинска слика и присуство на Бога. Тогаш Христос постојано ќе нè чува, осветува и води во земниот живот како знак на неговото присуство во светот и ќе нè направи членови на неговата заедница на небото. Амин.

Редемптористи/к.мк

Категорија: Вера, Проповеди

За авторот