Почнувајќи од оваа недела, Литургијата на Црквата нè подготвува за празникот Света Троица, за празникот Слегување на Светиот Дух, бидејќи помина половина од времето помеѓу Воскресението Христово и моментот на Слегувањето на Светиот Дух врз апостолите.
Многу често, со цел да им се објасни на луѓето кој е Светиот Дух, кој е Светата Троица – Единиот Бог во три лица – Светите отци велат: „Светиот Дух е жива вода“. Знаеме дека кога нема вода, сè умира, и кога ќе дојде чиста, животворна вода, сè станува зелено и се здобива со полнота на животот. И така, Светиот Дух, третото лице на Светата Троица, е во Отецот како во извор, а во Исус Христос – како во кладенец, на секој од нас му се дава како жива вода. Светиот апостол Павле во Првото Послание до Коринтјаните 12,13 вели: „Сите бевме исполнети со еден Дух“.
Во денешното евангелие слушаме многу интересен и длабок разговор помеѓу Исус Христос и Самарјанката. Овој разговор се одвива надвор од градот во близина на бунарот. Многу интересно: Исус Христос, вистинскиот бунар, кој има извор на жива вода, дојде, седнува на овој бунар на Јаков и чека некој жеден човек. Самарјанката потекнува од тој град и е персонификација на секоја личност која е жедна за Бога. Разговорот се одвива точно напладне, кога сонцето е најсилно, кога човекот се чувствува жедно. И така, самиот Христос доаѓа кај жедниот и го прави првиот чекор кон него.
Исус прв се обраќа на жената и ѝ вели: „Дај Ми да пијам!” Овие зборови се со многу подлабоко значење отколку што мислиме. Заедно да јадеме и да пиеме во Светото Писмо значи не само да задоволуваме некои телесни потреби, туку и да навлеземе во внатрешниот свет на оној со кого се јаде и пие. Затоа следната тема на разговор е личниот, приватен живот на оваа жена. Со своите прашања, Христос почнува да навлегува во нејзиниот внатрешен свет, нејзината лична животна состојба. Можеме да кажеме: „Тој почнува да копа нов бунар во нејзиното срце, во кој сака да ја стави водата на животот што ја носи во себе“. Барајќи од неа вода, тој всушност ѝ дава жива вода.
Денес Христос ни дава одличен одговор со примерот на оваа Самарјанка. Таа беше толку импресионирана од оваа средба со Христос што ја остави својата стомна и им ја пренесе на луѓето живата вода, водата на Светиот Дух, која не е во стомната, туку во нејзиното срце. И таа го напои целиот град и сите луѓе дојдоа да го видат изворот. И на крајот тие ќе кажат: Сега веќе не веруваме од твоето кажување, оти сами чувме и знаеме дека е Он Спасителот на светот, Христос. Значи, да се биде верник значи да се сподели верата, да се сподели живата вода што тече од нашата внатрешност. Затоа, нашата задача е да ги напоиме жедните со таа жива вода.
Воскреснатиот Христос, кој денес е тука меѓу нас, кој се обидува да ископа бунар со жива вода во срцето на секој од нас, нека ја исполни секоја ваша жед, потреби и желби, бидејќи само преку Него можеме да ја изгасиме нашата жед за Бога.
Исчекувањето на Светиот Дух нека биде за секој од нас време на исчекување на вистинска средбата со живата вода, која ни се дава во Црквата Христова.
Фб/к.мк