На 9 март започнуваат духовните вежби во Ватикан во „духовно заедништво“ со Папата

На 9 март започнуваат духовните вежби во Ватикан во „духовно заедништво“ со Папата

Размислувањата од 9 до 14 март, во салата Павле VI ќе ги предводи отец Роберто Пазолини, проповедник на Папскиот дом.

Духовните вежби за Римската курија ќе започнат на 9 март, првата недела од постот, во 17.00 часот во салата Павле VI и ќе траат до 14 март, „во духовно заедништво“ со Папата, кој е хоспитализиран во поликлиниката „Гемели“. Ова го соопшти Канцеларијата за печат на Светиот Престол, додавајќи дека размислувањата ќе ги предводи отец Роберто Пазолини, проповедник на Папскиот дом, на тема „Надеж за вечен живот“, а ќе се одржуваат од 10 до 13 март, во 9.00 часот (претпладне) и 17.00 часот (навечер), а во петок на 14 март во 9.00 часот.

Воскресение, надеж и утеха

Во поканата за духовните вежби на Префектурата на Папскиот дом се нагласува дека Христовото Воскресение, кое е ветување за вечен живот за сите, е надежта, суштината и врвот на христијанската вера прогласена од Соборот во Никеја, кој „со векови бил извор на утеха и насоки за човештвото, осветлувајќи ја крајната смисла на постоењето“. Со тек на времето – стои во продолжение поканата – еден вид прашина се спушти на тоа ветување, со превез кој го криеше неговото длабоко значење.

Во овој посебен Велики пост, кој е во јубилејната година – се вели во текстот – сакаме да размислуваме за вечниот живот не како нешто што ќе се случи еден ден, туку како благодат која веќе сега го осветлува нашето постоење. Искушенијата и страдањата кои продолжуваат да го обележуваат патувањето на човештвото се само сенка на славата, која чека да се покаже во нас: ветувањето за вечноста на кое Бог нè повика уште од самиот почеток – стои на крајот на поканата на Префектурата на Папскиот дом.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот