На светата Литургија со Папата сослужуваше епископот Стојанов

На светата Литургија со Папата сослужуваше епископот Стојанов

На светата Литургија, која папата Лав XIV ја служеше во базиликата Свети Петар во Рим, сослужуваа над 200 бискупи и над 500 свештеници од целиот свет, меѓу кои беа епископот Киро Стојанов, протојереј ставрофор отец д-р Зоран И. Стојанов, протојереј отец Гоце Костов и отец Трајче Ташев. На светата Литургија присуствуваше и ходочесничката група од Македонија, која е на ходочестие во Рим по повод Јубилејната година.

На светата Литургија по повод јубилејот на синодалните тимови и телата, Папата упати повик на заедништво и отвореност кон другите. Тој предупреди дека верувањето оти сме подобри од другите – како што фарисејот се споредува со цариникот во денешното Евангелие – создава поделби и ја претвора заедницата во место на осудување и исклучување.

Папата нагласи дека треба да одиме заедно и да му дозволиме на Светиот Дух да ги преобрази тензиите, за тие да не станат идеолошки судири и штетни поларизации.

„Треба да сонуваме и да градиме скромна Црква, која се наведнува за да ги измие нозете на човештвото; која не осудува, туку прегрнува; која е гостопримливо прибежиште за сите, отворена кон Бога и кон човекот,“ рече Папата Лав XIV.

Во проповедта на светата Литургија одржана во недела, 26 октомври 2025 година, во базиликата „Свети Петар“, по повод Јубилејот на синодалните тимови и телата, тој повика сите да чекорат заедно, во дијалог и споделување. Црквата, рече Папата, не е обична верска институција, ниту се поистоветува со своите хиерархии и структури, туку е видлив знак на заедништвото меѓу Бога и човештвото, на Божјиот план да ги обедини сите во едно семејство.

Врховното правило на Црквата: Љубовта

Плод на црковната заедница, создадена и сочувана од Светиот Дух, се синодалните тимови и партиципативните тела кои ја изразуваат живата стварност на Црквата. Во неа односите не се водат според логиката на моќта – која, како што често нагласува Папата Фрањо, е световна – туку според логиката на љубовта.

Во христијанската заедница најважен е духовниот живот, преку кој откриваме дека сите сме Божји деца, браќа и сестри, повикани да си служиме едни на други.

„Врховното правило во Црквата е љубовта: никој не е повикан да заповеда, сите сме повикани да служиме. Никој не смее да ги наметнува своите идеи, сите мораме да се слушаме едни со други. Никој не е исклучен, сите сме повикани на учество. Никој не ја поседува целата вистина, сите треба понизно да ја бараме, и тоа заедно,“ рече Светиот Отец.

Одење заедно – повик на заедништво

Да се оди заедно значи да се живее во заедништво, да се биде едно во Црквата – објасни Папата. Потсети дека неговиот претходник, во последната порака за време на Велигденскиот пост, го опишал повикот на Црквата токму како „одење заедно“, што значи да се биде синодален.

Христијаните се повикани да одат заедно, да бидат ткајачи на единството, бидејќи сите сме Божји деца.

Опасноста од самодоволност

За да го објасни вистинското значење на синодалното одење, Папата Лав се осврна на параболата за фарисејот и цариникот, кои се молеле во храмот. Двајцата се наоѓаат на исто место, но не се во заедништво: нема меѓусебна врска, ниту комуникација. Едниот го зазема првото место, другиот стои оддалеку.

Фарисејот се моли на Бога, но мисли само на себе, се фали, се оправдува и се чувствува подобро од другиот. Опседнат со сопственото „јас“, тој нема заедништво ниту со Бога, ниту со луѓето.

„Ова се случува и во христијанските заедници,“ предупреди Папата. „Кога ‘јас’ преовладува над ‘ние’, настануваат поделби и се појавуваат лични амбиции што го нарушуваат братството. Кога некој се смета за подобар, како фарисејот, заедницата станува место на осуда и исклучување. Кога позицијата станува средство за моќ, исчезнува духот на служење.“

Понизноста како пат кон Бога

Наспроти тоа, цариникот покажува понизност. Во неговата молитва се крие вистинската вера.

Во истата понизност, секој во Црквата треба да ја препознае својата потреба од Бога и од ближниот – истакна Папата.

Тој повика на меѓусебна љубов, слушање и радост од заедничкиот пат во свеста дека – како што напишал свети Климент Римски – „Христос им припаѓа на понизните, а не на оние што се издигнуваат над стадото“.

Синодалните тимови и учесничките тела, рече Папата, се слика на оваа Црква која живее во заедништво.

„Слушајќи го Духот, во дијалог и братство, помогнете ни да разбереме дека во Црквата, пред сите разлики, сме повикани да одиме заедно во потрагата по Бога, да ги примиме чувствата на Христос, и да го прошириме просторот на Црквата за да стане уште повеќе колегијална и гостопримлива,“ нагласи Папата.

Вистината се бара заедно

Кога Црквата е заедничко и гостопримливо место, тогаш може со доверба и нов дух да се соочи со тензиите меѓу единството и различноста, традицијата и иновацијата, авторитетот и учеството.

Папата повика овие разлики да не се претвораат во идеолошки судири, туку да станат плодни во заедничко расудување и хармонија.

„Црковното расудување бара внатрешна слобода, понизност, молитва, доверба, отвореност кон новото и предавање на Божјата волја. Тоа не е потврда на лични гледишта, ниту збир на индивидуални мислења. Да се биде синодална Црква значи да се препознае дека вистината не се поседува, туку се бара заедно – во срце што љуби и во дух што се предава на љубовта,“ рече тој.

Молитва до Богородица

На крајот од проповедта, Папата Лав XIV се повика на молитвата на дон Тонино Бело, упатена до Пресвета Богородица, во која се моли таа да го негува заедништвото во Црквите, да помогне во надминувањето на внатрешните поделби и да ги спречи оние што сакаат да одат сами, заборавајќи на заедничките цели.

„Нека Марија интервенира кога ќе се појави духот на раздорот, нека ги изгаси жариштата на поделби, нека ги помири споровите и ги ублажи соперништвата,“ заврши Папата.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот