На празникот Свети Петар и Павле се одржа молебен во Паљурци

Во попладневните часови на празникот на врховните апостоли Петар и Павле, 12 јули 2014 година, во месноста Паљурци Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов во заедништво со свештеници од Апостолскиот егзархат во Македонија одржа молебен до Пресвета Богородица. На молебенот, покрај претставници од локалната самоуправа на општина Богданци на чело со градоначалничката Анастасија Олумчева присуствуваа и голем број на верници од Богданци, Гевгелија, Струмица, Радово….

Во проповедта епископот Стојанов рече: „Браќа и сестри, овде сме на денот на светите апостолски прваци Петар и Павле. Не можам да се ослободам оваа вечер од впечатокот дека ова место е со посебен провидоносен дар за нас верниците од Апостолскиот егзрхат во Македонија. Зошто? Верувам во традицијата дека свети апостол Павле беше овде. Павле е занесен во Христос. Тој е запален во Неговата љубов и запишува: Не живеам повеќе јас, туку Христос живее во мене. Таа искуствена вистина, присутноста Христова во неговиот живот му овозможи на тој великан на христијанството – апостолот на народите – да отиде во светот и да го понесе Христос во било кој крај или град каде што доаѓа.(…)

Овој ден и овој миг вечерва нѐ поттикнуваат на уште посилна и жарка молитва, а тоа е: нашата искрена желба на оваа место повторно да заживее верата на нашите татковци со оној жар како што беше пред сто години кога овде живееше живата Црква. Сите планови за оживување на оваа светлилиште ги препорачуваме на Мајка Божја и свети апостол Павле.“

По Молебенот во склоп на Богданско културно лето во амфитеатарот кај Паљурци следуваше претставата „Да се биде Македонец“. Монологот е работен според посланијата на апостол Павле, а негов автор и изведувач е актерот Петар Темелковски.

к.мк/го*ко

Категорија: Македонија

За авторот