На празникот Богојавление, 19 јануари 2021 година Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов служеше света архиерејска Литургија во парохиската црква „Раѓање на свети Иван Крстител“ во Струмица, на која сослужуваа парохот о. Гоце Костов и директор на Радио Марија, катедралниот парох во Струмица о. Георги Трајков, катедралниот парох во Скопје о. Паво Шекерија и директор на Македонски Каритас и парохискиот викар о. Атанас Сирачев. При крајот од светата Литургија следуваше Богојавленскиот водосвет.
Во својата проповед епископот Стојанов се осврна на Исусовото крштение на кое се објави Пресветото Троиство при што истакна: „Богочовекот добива потврда за своето спасоносно послание и истовремено го прима крштението во Јордан и ги презема гревовите на светот, целиот товар на злотот на неговите божествени плеќи за наскоро да ја плати цената на нашето спасение и ослободување со страшната цена на распнување!
Зборувајќи за Исусовото крштение како пресвртница во Исусовиот живот епископот Стојанов потсети на нашето сопствено крштение како пресвртен момент од нашиот живот со што станавме деца Божји.
Во продолжение од проповедта епископот Стојанов рече: Сепак крштението е скоро ништо, ако животот не е христијански, Христов: ако сме верници без Бога во душата и животот. Крштението е прекрасен бесплатен дар, благодат и украс, но и обврска: тој дар, благодат, вера, светоста на крштението мораме да го чуваме, негуваме, воспитуваме, развиваме. (…) Секој ден треба да бидеме посвети, боголики, слични на Исус.
За време на светата Литургија беа почитувани мерките за заштита од ширење на коронавирусот, а парохијата обезбеди и дополнителен простор во парохиската сала каде беше овозможен директен пренос од светата Литургија. Настанот беше пренесуван преку Радио Марија.
к.мк/Фото: Филип Костов