Надбискупот Галагер: Идејата за мировен процес мора да ја одржиме жива

Надбискупот Галагер: Идејата за мировен процес мора да ја одржиме жива

Секретарот за односи со државите и меѓународните организации на Ватикан, надбискупот Пол Ричард Галагер, даде интервју за италијанскиот весник „Ла Стампа“ во кое се осврна на дипломатските напори на Светиот Престол за постигнување мир во Украина и нејзината мисија за поттикнување добри односи меѓу луѓето и нациите ширум светот.

Војната во Украина ќе заврши на преговарачка маса, рече надбискупот, потсетувајќи на зборовите на украинскиот претседател Володимир Зеленски. Поради оваа причина, продолжи тој, напорите на Светиот Престол се насочени кон тоа што поскоро да се седне на преговарачка маса.

Во однос на актуелниот конфликт во Украина, надбискупот Галагер рече дека Светиот Престол ги препознава тешкотиите и страдањата на украинскиот народ, но ја истакна сложеноста на дипломатската ситуација. Мораме да ја одржиме жива идејата за мировен процес, нагласи тој.

Тој истакна дека папата Фрањо од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година работи на мирно решавање на војната, велејќи дека Светиот Отец континуирано ги проценува идеите и предлозите кои би можеле да помогнат во намалувањето на тензиите во украинскиот конфликт и да иницираат патишта кон мир.

Запрашан за претстојната мисија на италијанскиот кардинал Матео Зупи во Украина и Русија, надбискупот Галагер објасни дека спецификите на мисијата се уште се проучуваат, додавајќи: Истовремено се надеваме и се молиме за деликатната мисија, знаејќи дека брзината и времето се исто така многу важни фактори .

Односите со Кина и Иран

Понатаму, тој одговараше и на прашања за улогата на другите народи во конфликтот, а особено за односите на Русија со Кина и Иран. Ставот на Светиот Престол е дека сите народи, сите актери, треба да направат се што е можно за да се стави крај на војната во Украина. Ги охрабруваме сите да го сторат тоа, рече надбискупот Галагер.

Во однос на прашањето за човековите права, надбискупот истакна дека кога Светиот Престол зборува за овие прашања, се обраќа до целата меѓународна заедница. Тој објасни дека Светиот Престол не зборува на агресивен начин, туку ја држи вратата отворена и дури кога ситуација може да биде многу тешка, истакна надбискупот Галагер. Тој нагласи дека примарна грижа на Светиот Престол е благосостојбата на христијанските и католичките заедници, нивната слобода и живот.

Потребата за доверба

Интервјуто заврши со прашања за политичката ситуација во Израел и Палестина, при што надбискупот Галагер изрази загриженост за порастот на насилството во регионот. Жалиме што изгледа дека се создаваат нови пречки за подобрување на политичката ситуација, рече тој, инсистирајќи дека е потребно повеќе работа за да се зголеми политичката волја за да најдат Палестинците и Израелците делотворен компромис.

Мислам дека повеќето луѓе се согласуваат, како што ни кажува искуството, дека е потребна политика на мали гестови, гестови на градење и стекнување доверба. Она што недостасува во денешниот свет меѓу државите и лидерите е довербата и ние мора да ја изградиме. Не верувам дека ја имаме во моментов и мислам дека меѓународната заедница треба да работи на тоа, додаде на крајот надбискупот Галагер.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот