Надбискупот Пол Ричард Галагер разговараше со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, а на заедничката прес-конференција порача дека конфликтот во Украина не може да се реши со воени средства. На средбата се зборувало и тешката состојба на Католичката Црква во Русија.
Секретарот на Светиот Престол за односи со државите и меѓународните организации, надбискупот Пол Ричард Галагер, ја осуди војната во Украина за време на заедничката прес-конференција со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во Москва.
„Оваа војна мора да заврши“, изјави надбискупот Галагер во вторник, 25 вгуст 2026 година, нагласувајќи дека конфликтот не може да се реши со воени средства.
Галагер го опиша разговорот со Лавров како пријателски и конструктивен. Тој истакна дека Светиот Престол ќе продолжи да нуди духовна, дипломатска и хуманитарна помош, со цел да се создаде можност за дијалог.
„Ги нудиме нашите добри служби на секој корисен начин, со надеж дека долгоочекуваниот мир ќе може да се постигне што е можно поскоро“, рече ватиканскиот дипломат. „Тоа е моја искрена желба за народот на Руската Федерација, за украинскиот народ и за сите што продолжуваат да страдаат поради оваа трагична војна.“
Дијалогот е поважен од кога било
Надбискупот Галагер предупреди дека секој нов ден на војна носи нови жртви и го отежнува идното помирување. Според него, од суштинско значење е сеќавањето на неправдите од минатото да не стане затвор, а „сегашното страдање да не се претвори во наследство на омраза“.
Тој јасно ги повика завојуваните страни да се придржуваат до принципите на Повелбата на Обединетите нации и до меѓународното хуманитарно право.
„Во сегашната тешка клима на меѓународните односи, дијалогот е поважен од кога било. На светот му е потребна дипломатија повеќе од кога било“, нагласи надбискупот Галагер.
Од своја страна, Лавров изјави дека Москва сака да го продолжи „доверливиот и почитувачки дијалог“ со Ватикан, со надеж дека таквиот пристап ќе доведе до позитивни и остварливи решенија.
Разговор и за католиците во Русија
Во однос на верската слобода, надбискупот Галагер изјави дека на средбата со рускиот министер за надворешни работи ја отворил и темата за состојбата и потребите на Католичката Црква во Русија, особено во врска со пасторалната грижа за верниците, како и со добротворните и хуманитарните иницијативи.
Руските власти во последниот период воведоа ограничувања на верската слобода, а под притисок се најде и дел од католичкото свештенство, при што некои свештеници биле принудени да ја напуштат земјата.
Ова е прва посета на надбискупот Галагер на Русија од почетокот на руската воена агресија врз Украина пред четири и пол години. Во среда тој треба да се сретне со Јуриј Ушаков, советник за надворешна политика на рускиот претседател Владимир Путин.
Ватикан продолжува со напорите за мир
По средбата меѓу Галагер и Лавров, Државниот секретаријат објави фотографии на интернет на кои двајцата се ракуваат и разговараат со своите делегации. На фотографиите се гледаат пет претставници на Светиот Престол од една страна и десет руски претставници од друга страна. Во придружниот текст беше наведено дека меѓу темите биле и „перспективите за мир“.
Ватикан вложува бројни напори за враќање на воените заробеници, притворените цивили, како и украинските деца и тинејџери одведени во Русија.
Надбискупот Галагер ќе престојува во Москва до петок. Во програмата се предвидени и средби со митрополитот Антониј, претседател на Одделот за надворешни црковни односи на Руската православна црква, како и со католичката заедница во земјата.
Надбискупот Галагер го предводи Одделот за односи со државите и меѓународните организации при Државниот секретаријат на Светиот Престол. Последен пат ја посети Русија во ноември 2021 година.
Последниот познат контакт меѓу Галагер и Лавров беше телефонски разговор во април 2025 година, кој исто така се однесуваше на војната во Украина. Претходно, во октомври 2024 година, Лавров во Москва го прими папскиот специјален пратеник за мир во Украина, кардиналот Матео Зупи.
Катпрес/к.мк

