Дипломатијата на Светиот Престол во денешниот меѓународен контекст беше тема на излагање кое на 5 јули 2024 година, го одржа надбискупот Пол Ричард Галагер, секретар за односи со државите и меѓународните организации, во Пасај, Филипини. Тој повторно ја истакна важноста од градење мостови меѓу народите, напредувајќи по патот на дијалог.
Соочени со конфликти кои распарчуваат различни делови од светот денес во „третата светска војна во делови“; пред трката во вооружување, нуклеарната закана и тероризмот, важно е да се разбере дека одбраната не е само прашање на воена сила, туку и поддршка од институциите и промовирање договори меѓу народите – истакна надбискупот Пол Ричард Галагер, кој својата петдневна посета на Филипините ја заврши на 5 јули.
Говорејќи во седиштето на Институтот за странска служба во Пасај, секретарот за односи со државите и меѓународните организации опширно зборуваше за дипломатијата на Светиот Престол во современиот меѓународен контекст, посочувајќи – по стапките на папата Фрањо – дека денес не е реално да се зборува за победа или пораз. Неопходно е да се воспостави нов и праведен поредок кој ги надминува поделбите и гледа кон признавањето на човечкото достоинство.
Тоа, додаде надбискупот Галагер, е дипломатскиот пристап на Светиот Престол, чија задача е да биде знак на надеж која се карактеризира со позитивна неутралност која, наместо да се стреми кон моќ или доминација, е вкоренета во начелата кои даваат предност на благосостојбата на целото човештво, го поддржуваат човечкото достоинство и помагаат за траен мир, заштитувајќи го во исто време општото добро, солидарноста и супсидијарноста меѓу народите.
Како важен транснационален фактор и суверена и независен морален авторитет, Светиот Престол ги спроведува своите дипломатски активности со доверба во морално убедување и во етичко водство со цел да се промовира правдата, мирот и солидарноста на меѓународно ниво – истакна надбискупот и додаде: Како доверлив посредник и независен од политичките сојузи и блокови, Светиот Престол затоа може да гради мостови каде другите гледаат само непремостливи поделби.
Секретарот за односи со државите и меѓународните организации во својот говор се задржа на ликот на папата Фрањо и посочи дека неговото постојано ангажирање за заштитата на човековите права, целосниот човечки развој, грижата за нашиот заеднички дом и заштитата на мирот и ненасилството го прави примарен фактор во ватиканската дипломатија, која е вкоренета во искрената отвореност и заснована на милосрдието.
Покрај тоа, секретарот за односи со државите и меѓународните организации ја истакна моралната одговорност на папската дипломатија, манифестирана во неколку области, вклучително и во заштитата на светоста на човечкиот живот од зачнувањето до природната смрт; зачувување на создадениот свет; на борбата против културата на отфрлање и глобализацијата на рамнодушноста, придружена со промоција на културата на средба и глобализацијата на братството.
Во оваа смисла, надбискупот спомна некои специфични области на активност на ватиканската дипломатија: пристап до основното право на здравје; поддршка за праведна економска политика; борбата против – како што рече, отровното зло на трговијата со луѓе; промовирање на мултилатерализмот и заштитата на верските слободи. Осврнувајќи се конкретно на верската слобода, надбискупот Галагер потсети дека Светиот Престол ја смета верската слобода не само за човеково право, туку и за важен пат кон промовирање на глобалниот мир. Имено, таа игра важна улога во поддршката на помирувањето и ненасилното решавање на конфликти.
За време на неговата посета на Филипините во Малебале, секретарот за односи со државите и меѓународните организации се сретна со локалните бискупи и со нив служеше света Литургија во Опатијата на Преображението на 4 јули.
Понекогаш може да изгледа дека нашето проповедање и нашето учење паѓаат во вода и немаат видлив ефект. Да потсетиме, сепак, дека нашата епископска власт се остварува во нашата истрајност и доследност и секогаш во љубов. Треба да бидеме трпеливи и да се надеваме на силата на Господ – ова е поттик од надбискупот во проповедта што ја одржа пред бројните бискупи на таа азиска земја.
Се сеќавам на насловот на книгата на кардиналот Агостино Казароли за дипломатијата на Светиот Престол, која ја објави во годините кога кулминираа промените во 1989 година, а тоа е „Мачеништвото на трпението“. Да се биде трпелив, да се проповеда и да се поучува мирно и со убедување, и како што вели свети Павле „во згодни или незгодни времиња“; тоа е форма на мачеништво – истакна тој.
Токму во ова доследно и трпеливо сведоштво се манифестира нашиот морален авторитет како бискупи – рече надбискупот Галагер. Нашата сила доаѓа од Христос, но таа сила – која е негова – се манифестира преку нашиот авторитет како негови ученици и негови слуги. Затоа, да одлучиме секогаш да бидеме и да се однесуваме како пастири „secundum cor Christi“.
Но, водството во служењето не значи дека сме повикани да бидеме плашливи, молчаливи и соучесници пред неправдата и злото – предупреди секретарот за односи со државите и меѓународните организации. Има моменти кога ние, како епископи, како водачи-слуги, треба да го искористиме нашиот морален авторитет за да се спротивставиме на авторитетот на моќниците на овој свет. Да се потсетиме на примерот на свети Оскар Ромеро како и на безброј маченици во историјата на Црквата. Како што нè учи Социјалната наука на Црквата, кога човечката сила ги преминува границите на поредокот што го посакува Бог, таа се побожественува и бара апсолутно потчинување – истакна надбискупот Галагер.
Ватикан њуз/к.мк