Во своето шесто издание, новинарската награда „Отец Жак Хамел“ станува меѓународна, а конкурсот беше отворен за новинари од целиот свет до 7 декември 2023 година на полноќ.
Темата на изданието на наградата „Отец Жак Хамел“ за 2024 година е посветена на тешкотиите на сегашното време, не само на геополитичко ниво, туку и во контекст на Црквата. Предизвик е и за католичките медиуми ширум светот да известуваат дека мирот е секогаш можен преку дијалог и средби. Тоа е пораката која ја повтори Розелин Хамел, сестра на свештеникот убиен во 2016 година додека славеше света Литургија во неговата црква во Сент Етјен-ду-Рувреј, во близина на Руан, во Нормандија.
На прашањето каква порака му оставил на светот нејзиниот брат во овие времиња на болка и страдање, Розелин Хамел без двоумење вели дека нејзиниот брат „сигурно би рекол, со понизност и искреност: „Побарајте начин да тргнете по патот на мирот, без разлика на тешкотиите.“ Меѓу останатото, таа самата го направи тоа, категорично отфрлајќи ја омразата или желбата за одмазда против убијците на нејзиниот брат. Една година по драматичните настани на кои била сведок од кратко растојание, успеала да ја запознае мајката на еден од убијците. „Не отидов да ја барам за да ја слушнам нејзината молба за прошка, туку да ја споделам мојата болка со болката на мајката на младиот човек кој го уби свештеникот“, се присети на прес-конференцијата за новинарите.
По трет пат во последните седум години, Розелин има средба со папата Фрањо. Како подарок носи со себе една од последните хомилии напишани од нејзиниот брат, за Велигден, и натпис со стихови од мелодија што често ја пеела со брат ѝ кога била мала: „Еве дојде, еве доаѓа гулабот со своето маслиново гранче во нашите срца и во нашиот свет каде мора да остане мирот“.
Бруталноста на убиството на отец Хамел, кој од терористите беше принуден да клекне пред олтарот, а потоа му го пресекоа грлото додека служеше Евхаристија, го поттикна папата Фрањо да издаде посебна дозвола за забрзување на почетокот на канонскиот процес за беатификација, чија епископска фаза неодамна заврши.
На крајот од прес-конференцијата за наградата, Розелин Хамел вети дека ќе му се моли на својот покоен брат за добро здравје на папата Фрањо.
Свеченото доделување на наградата ќе се одржи на крајот на јануари 2024 година во Лурд, како дел од меѓународните средби Свети Фрањо Салешки заштитникот на новинарите.
Наградата ја доделува француската ФМЦ (Fédération des Médias Catholiques).
Ватикан њуз/к.мк