Монсињор Стојанов ја предводеше централната Литургија во словачкото светилиште „Богородица од Клокочов“

Монсињор Стојанов ја предводеше централната Литургија во словачкото светилиште „Богородица од Клокочов“

Во словачкото богородично светилиште Клокочов епископот Стојанов во својата проповед истакна дека солзите на Богородица се знак на мајчинско сочувство и повик на покајание.

Во недела, 16 август 2026 година, Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх монсињор д-р Киро Стојанов служеше светата архиерејска Литургија во словачкото светилиште Клокочов, посветен на Успението на Пресвета Богородица.

Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх монсињор д-р Киро Стојанов ја предводеше светата архиерејска Литургија во словачкото светилиште Клокочов, посветен на Успението на Пресвета Богородица во заедништво со архиепископот на Кошице Н.В.П. Цирил Васил, како и епископи и свештеници од Словачка и од други земји. Епископот Стојанов e придружуван од протојереј отец д-р Зоран И. Стојанов, директор на Македонски Каритас и ректор на светилиштето во Паљурци.

На свечената архиерејска Литургија присуствуваа неколку илјади верници, како и претставници на локалните, регионалните и државните власти.

Во својата проповед, епископот Стојанов најнапред му заблагодари на архиепископот Цирил Васил за поканата и можноста да биде дел од ова големо молитвено чествување, а потоа ги поздрави присутните епископи, свештеници, претставници на власта и многубројниот верен народ, истакнувајќи дека светилиштето Клокочов е место каде што генерации верници ги принесувале своите молитви, солзи, благодарности и надежи пред ликот на Пресвета Богородица.

Осврнувајќи се на празникот Успение на Пресвета Богородица, монсињор Стојанов нагласи дека во Богородица Црквата ја гледа надежта и крајната цел на човекот: животот во Бога. Она што Бог го исполнил во Марија е ветување и за сите нас, бидејќи човекот е создаден за воскресение и вечен живот.

Говорејќи за иконата на Богородица од Клокочов, која според преданието пролеала солзи пред многубројни сведоци, епископот Стојанов истакна дека тие солзи сведочат за мајчинската близина на Богородица за човечката болка. Според него, солзите на Богородица се знак на тага, но и повик на покајание.

„Тие солзи нè прашуваат дали во своето срце го чуваме Христовиот мир или дозволуваме омразата, себичноста и рамнодушноста да го рануваат Божјиот образ во ближниот“, истакна епископот Стојанов.

Тој потсети дека Богородица и денес ја чувствува болката на светот, болката на мајките што плачат за своите деца, на бегалците, на болните, осамените и обесхрабрените, како и на народите погодени од војни и страдања. Нејзините солзи, рече тој, се повик човекот повторно да се врати кон Христовиот мир, на простувањето и помирувањето.

Нејзините солзи стигнуваат и до нашите секојдневни рани. Таа страда поради човечката рамнодушност кога не ја гледаме туѓата болка. Плаче поради патот на себичноста, насилството и рамнодушноста по кој тргнало денешното човештво. Тоа се солзи на љубовта, зашто оној што вистински љуби ја чувствува болката на другиот. Мајката ги носи раните на своите деца во своето срце и копнее да ги види соединети, помирени и вратени кај Бога. Затоа секој од нас треба да се запраша што треба да промени за и самиот да не стане причина за нови солзи во своето семејство, во својата средина и во светот – рече епископот Стојанов.

Во продолжение на проповедта, монсињор Стојанов се осврна на зборовите на Богородица од свадбата во Кана Галилејска: „Сè што ќе ви рече, направете!“ Нагласи дека вистинската побожност кон Пресвета Богородица секогаш води кон Христос. Да се почитува Марија значи да се слуша нејзиниот Син и да се дозволи Неговото слово да го преобрази човечкиот живот.

Епископот потсети и на Богородичната химна „Мојата душа Го велича Господа“, истакнувајќи дека Марија го поставила Бога во средиштето на својот живот. Нејзината големина, рече тој, се гледа во понизноста, верата и целосната предаденост на Божјата волја.

Монсињор Стојанов нагласи дека Марија верувала и тогаш кога не можела сè да разбере. Го следела Христос од Витлеем до Крстот, а под Крстот ја доживеала најголемата мајчинска болка. Но Христовото Воскресение ја преобразило таа рана во извор на надеж.

На крајот од проповедта, епископот Стојанов го спореди човечкиот живот со пловидба преку големо езеро, со мирни денови, но и со бури, магла и силни бранови. На тој пат, рече тој, Бог ни дава две весла: молитвата и верноста во носењето на крстот. Со молитвата го чуваме правецот, а со верноста продолжуваме и тогаш кога патот станува тежок.

„Христос нè храни со своето Тело и Крв. Евхаристијата е храна за патот и залог на идната слава“, порача монсињор Стојанов, повикувајќи ги верниците да го насочат својот поглед кон Христос и кон другиот брег, каде што секоја солза ќе биде избришана и каде што нè очекува вечната радост во Бога.

Епископот Стојанов, ден претходно, присуствуваше и на Вечерната молитва, која ја предводеше архиепископот од Кошице Цирил Васил.

к.мк

 

 

Категорија: Вести, Македонија

За авторот