Монсињор Анселмо Гуидо Пекорари – нов Апостолски нунциј во Македонија
Неговата Светост папа Фрањо, на празникот свети Бенедикт опат, според грегоријанскиот календар, 11 јули 2014 година, за нов Апостолски Нунциј во Република Македонија го именува Неговата Екселенција Надбискуп АНСЕЛМО ГУИДО ПЕКОРАРИ (Anselmo Guido Pecorari).
Монсињор Пекорари е роден во Сермиде, во провинцијата Мантова – Италија на 19 мај 1946 година. Своите студии ги завршува во Бискупската семинарија во Мантова.
За свештеник е ракоположен во 1970, докторира теолошки науки, Морална теологија и Канонско право. Во 1980 година влегува во дипломатската служба на Светиот Стол, почнувајќи со служба во Либија, Сиера Леоне, Гвинеја и Замбија.
Пред да биде испратен за советник во Нунцијатурите во Шпанија и Андора (1995-1999), Ирска (1999-2001), Словенија и Македонија (2001-2003) долги години работи во Државниот Секретаријат во Ватикан.
Светиот Отец папа Иван Павле II на 29 ноември 2003 година, го именува за Апостолски Нунциј во Руанда истовремено и титуларен надбискуп на Популонија. За бискуп е посветен во Мантова од кардинал Анџело Содано.
Во 2008 година беше именуван за Апостолски нунциј во Уругвај, додека оваа година во месец април беше именуван за Апостолски нунциј во Република Бугарија, а на 11 јули 2014 година е именуван и за Апостолски нунциј во Република Македонија.
Монс. Пекорари покрај својот мајчин италијански јазик течно зборува шпански, англиски и француски.