Средба на Папата со клерот и богопосветените лица од Египет

Средба на Папата со клерот и богопосветените лица од Египет

Колку повеќе сме вкоренети во Христос, толку повеќе сме живи и плодни! – истакна папата Фрањо во текот на молитвената средба со клерот, монасите, монахињите и семинаристите, која се одржа во Коптско-католичката богословија во Каиро.

Тоa беше последниот настан во рамките на апостолската посета на Папата на Египет.

Нарекувајќи ги „квасецот“ кој Бог го подготвува за таа благословена земја за во неа, заедно со православните браќа, да расте Неговото царство, Папата на присутните им се заблагодари за нивното сведоштво и за сето добро кое го остваруваат секој ден, работејќи среде бројните предизвици, а често со малку утеха. Затоа ги охрабри: Да не се плашите од секојдневниот товар, товарот на тешките околности во кои некои од вас мора да ги поминуваат. Кој бега од крстот, бега од воскресението!

Среде бројните причини за обесхрабрување, и бројните пророци на уништувањето и осудата, среде негативните и безнадежни гласови, бидете позитивната сила, светлината и солта на ова општество; (…) бидете сеачи на надежта, градители на мостови и работници за дијалогот и слогата. Тоа е можно ако посветената личност не попушти на искушенијата со кои се среќава секој ден – рече Светиот Отец и истакна неколку такви искушенија.

Најпрво го спомна искушението препуштањето други да нè влечат, наместо ние да водиме. Обврска е на добриот пастир да го води стадот; не може да дозволи да го повлечат разочарувањето и песимизмот. Добриот пастир – според зборовите на Папата – секогаш е полн со иницијативи и креативност; секогаш има зборови за утеха, дури и тогаш кога неговото срце е скрштено.

Второто искушение е постојано жалење. Лесно е секогаш да се обвинуваат другите, но посветената личност е таа која секоја пречка ја претвора во можност, а не секоја тешкотија во извинување. Кој секогаш се жали, всушност не сака да работи – рече Папата, а потоа го истакна искушението озборување и завист.

Голема опасност е кога посветената личност – објасни Светиот Отец – наместо да им помогне на малите да растат и да се радуваат на успесите на браќата и сестрите, дозволува во неа да завладее зависта, и така станува личност која со озборувањето ги ранува другите. Зависта е зло кое за кратко време може да го уништи секое тело. Навистина, со ѓаволската завист дојде смртта во светот, а озборувањето е неговото средство и оружје – истакна папата Фрањо.

Четвртото искушение кое го наведе Папата е искушението споредување со другите. Богатството е во различноста и единственоста на секој од нас – рече Папата. Затоа споредувајќи се со оние на кои им подобро отколку на нас често доведува до тоа да почувствуваме омраза; да се споредуваме пак со оние кои им е полошо, често нè доведува до тоа да станеме горделиви и мрзеливи. Кој се стреми постојано да се споредува со другите на крајот се блокира.

Петтото искушение папата Фрањо го нарече „фараонизам“. Станува збор за – како што објасни – за стврднување на срцето и затворање за Господ и браќата. Тоа е искушение на чувството дека сме над другите, (…) замисленоста дека другите треба на нас да ни служат, наместо ние да им служиме. Лекот за тој отров се зборовите од Евангелието според Марко: „Која сака да биде прв, нека биде последен од сите, и на сите – слуга!” (Мк 9, 35)

Следно на списокот на Папата беше искушението индивидуализам. Тоа пак искушение е на егоистите кои по патот ја губат целта, наместо да мислат на другите, мислат на себе, не чувствуваат срам; уште повеќе – како што рече Светиот Отец – се оправдуваат. Црквата е заедница на верници, Христово тело, во кој спасението на еден член е поврзан со светоста на сите. Индивидуалистот е, напротив, причина за соблазна и конфликт.

И последното седмо искушение е одење без компромис и без цел. Во тој случај посветената личност го губи својот идентитет – истакна Папата. Живее со срце поделено помеѓу Бог и световноста. Ја заборава својата прва љубов. Всушност, немајќи јасен и доверлив идентитет посветената личност е дезоринтирана личност и наместо да ги води другите ги губи.

Не е лесно да се спротивставиш на тие искушенија, но е можно ако сме накалемени во Исус – истакна папата Фрањо. Колку повеќе сме вкоренети во Христос, толку повеќе сме живи и плодни! Само така посветената личност може да го сочува сјајот, занесот на првата средба, привлечноста и благодарноста во својот живот со Бог и во своето послание. Од квалитетот на нашиот духовен живот зависи квалитетот на нашето посветување – рече Папа и на сите свештеници, монаси, монахињи и семинаристи ги побара од Господ плодовите на Светиот Дух: љубов, мир, радост, великодушност, љубезност, добрина, верност, благост и воздржливост. Секогаш сте во моето срце и во моите молитви. И не заборавајте да се молете за мене! – рече на крајот папата Фрањо.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот