Молитвената накана за епископот Стојанов за септември 2026 е за одговорно користење на знаењето и технологијата во образованието
Со почетокот на новата учебна година, во нашите молитви да ги вклучиме учениците, студентите, родителите и сите кои се вклучени во образовниот и воспитниот процес. Живееме во време во кое знаењето и технологијата отвораат големи можности, но нивното правилно користење бара одговорност и мудрост.
Светото Писмо нè потсетува дека „Господ дава мудрост; од устата Негова доаѓа знаењето и разумот“ (Изреки 2,6). Затоа во месец септември да го молиме Господ на младите да им дарува мудрост правилно и одговорно да ги користат современите технологии, да умеат да го препознаваат лажното и штетното, да ја бараат и љубат вистината и да го отфрлаат сето она што го нарушува достоинството на човекот и го оддалечува од вистинските вредности. Технологијата нека им служи за напредок во знаењето, подобро разбирање на создадениот свет и служење на ближниот.
Да молиме и за родителите, учителите, воспитувачите, наставниците и професорите, со својот пример да ги воспитуваат младите во љубов кон вистината и почитување на достоинството на секој човек.
Да молиме за мудрост што доаѓа од Бога за да умееме правилно да ги користиме сите дарови што ни се доверени, за преку нив да им служиме на ближните и со нашиот живот во сè да Го прославуваме Бога.
к.мк

