Молитвата која нешто бара е вистинска и спонтана молитва.
Молитвата „Оче наш“ е кратка, но храбра. Исус нè не учи формули за да се здобиеме со Господовата наклонетост; туку уште повеќе нè повикува да Го молиме рушејќи ги пречките на потчинетост и страв – рече папата Фрањо на Генералната аудиенција која се одржа во Ватикан на 12 декември 2018 година во текот на која одржа катехеза посветена на молитвата „Оче наш.“
Во молитвата „Оче наш“ нема вовед, туку само доверба и тоа синовска доверба – рече Папата и нагласи: Молитвата „Оче наш“ има свои корени во конкретната човечка реалност. Ни помага да го бараме лебот насушен, што е едноставно барање, но важно, кое кажува дека верата не е прашање на украс, одвоена од животот, која настапува кога се задоволени другите потреби. Молитвата започнува со самиот живот. Молитвата како што нè учи Исус не започнува во човечкиот живот откако желудникот е полн, туку се создава таму каде некој, било кој човек е гладен, каде плаче, се бори, страда и се прашува: зошто?
Нашата прва молитва на некој начин била плач кој бил придружен од првото вдишување – рече Светиот Отец – тоа било плачот со кој е најавена судбината за целиот наш живот, односно нашата постојана глад, постојана жед и потрага за среќа. Исус во молитвата не сака да го изгасне и умртви човечкото. Не сака, учејќи сè да поднесуваме да ги изгасне сите свои прашања и барања. Меѓутоа, сака секое страдање и немир да бидат испратени во небото и да станат дијалог.
Сите мораме да бидеме како слепиот кој просел пред ерихонските врати – рече папата Фрањо и објасни: Тој не се грижел дали ќе му пречи на Учителот со своето непријатено викање, сакал само да оздрави. Молитвата освен што претходи на спасението, молитвата на некој начин веќе го содржи во себе, затоа што го ослободува од разочарување оној кој не верува и му го покажува излезот од многу неподносливи ситуации. Некои во минатото ја прифатиле теоријата дека молитвата која нешто бара е облик на слаба вера. Меѓутоа вистинска молитва е она чиста пофалба која го бара Бог без товарот на некое барање. Но, тоа не одговара на вистината.
Верата, односно молитвата која бара е вистинска и е спонтана молитва – рече Папата и истакна: Тоа е чин на верата во Бог Кој е Отец, Кој е добар и Кој е Семоќен. Тоа е чин на верата во мене кој сум мал, грешник и во потреба. Заради тоа молитвата која нешто бара е многу благородна. Бог е Отец Кој има големо сочувство кон нас, и сака неговите деца да Му зборуваат без страв и директно. Затоа можеме да Му кажеме сè, па и работи кои во нашиот живот остануваат искривени и несфатливи.
Поздравувајќи ги после катехезата сите присутни верници, Светиот Отец на крајот потсети и на денешниот празник Пресвета Богородица Гвадалупска, и објасни дека светиот папа Иван Павле II на нејзината мајчинска заштита го препорача животот и невиноста на децата, посебно на оние кои се во опасност да не се родат.
Ватикан њуз/к.мк