Папата до Богородица од Гвадалупе: Мајко, сакаме да бидеме твои вистински деца

Папата до Богородица од Гвадалупе: Мајко, сакаме да бидеме твои вистински деца

На годишнината од објавата на Пресвета Богородица на Хуан Диего, ацтешки преобратеник во христијанството, во 1531 година, папата Лав XIV служеше света Литургија во Ватиканската базилика во петок 12 декември 2025 година, доверувајќи ѝ ја судбината на народите погодени од војна, омраза и лаги. Тој, исто така, ги посвети своите мисли на младите, на оние кои се оддалечиле од Црквата, на семејствата и на посветените лица.

Во средината на постојаните конфликти, неправди и страдања на кои им е потребно олеснување, Марија од Гвадалупе ја прогласува суштината на својата порака: „Зар не сум јас тука, која сум твојата мајка?“

Папата Лав XIV ја предводеше светата Литургија во базиликата „Свети Петар“ во спомен на Пресвета Богородица од Гвадалупе, која е особено почитувана од латиноамериканските народи, толку многу што секоја година милиони поклоници го посетуваат светилиштето посветено на неа на ридот Тепејак, во денешната мексиканска престолнина. Таму се чува наметка (тулмата) со икона на Девицата кој се појави четири пати за неколку дена, започнувајќи од 12 декември 1531 година, на Ацтекот Хуан Диего Куаутлатоацин.

Преданието ги раскажува зборовите на голема утеха што Богородица ги изговори за време на овие објави. Чудотворен знак дека тоа е Дева Марија била нејзината покана до еден млад човек да набере рози, и покрај тоа што не било соодветното годишно време, и да ги стави во наметка на која, кога била донесена кај епископот од тоа време, била врежана сликата за она што ќе влезе во историјата како средба меѓу домородците и Христос. Ниту неотпорноста на растителните влакна од кои е направена, ниту бројните напади, ниту пожарот не ја оштетиле. Богородица е прикажана овде како млада Индијка која верниците ја нарекуваат „Virgen morenita“. Во својата проповед на шпански јазик, Папата се довери на Богородица нарекувајќи ја: Мајка на љубовта.

Нека оние на власт го зачуваат достоинството на секој човек

Марија нè поддржува со своето присуство кога животот станува неподнослив – нагласи Папата доверувајќи и ја со синовско срце молитвата до Богородица: Кажи ни како да делуваме со вера кога нашата сила нè напушта, а сенките стануваат поголеми. Помогни ни да сфатиме дека со тебе дури и зимата станува време на рози – рече Папата, насочувајќи ја својата молитва кон сегашното време полно со сенки:

Мајко, научи ги народите што сакаат да бидат твои деца да не го делат светот на непомирливи фракции, да не дозволуваат омразата да ја обележува нивната историја, ниту лагите да го пишуваат сеќавањето. Покажи им дека власта треба да се практикува како служење, а не како доминација. Поучи ги нивните владетели на нивната должност да го зачуваат достоинството на секоја личност во секоја фаза од животот. Направи ги овие народи, твои деца, места каде што секоја личност може да се чувствува прифатена.

Криминал, зависност, недостаток на смисла: младите се во ризик

Папата е многу загрижен за младите луѓе и тоа го изрази со посебна молитва да можат да го изберат она што е добро, да имаат храброст да останат цврсти во својата вера, иако светот ги турка во поинаков правец.

Покажи им дека твојот Син оди покрај нив. Не дозволувај ништо да ги вознемирува нивните срца за да можат без страв да ги прифатат Божјите планови. Заштити ги од заканите од криминал, зависност и опасностите од живот без смисла.

Нежноста и решителноста нека бидат вредностите со кои семејствата можат да ги воспитуваат своите деца – посака Папата и додаде: Секој дом нека биде училиште на верата. И во оваа прилика Папата покажа колку му е важно единството. Се молеше за оние кои сеат раздор и ја збунуваат желбата на оние кои го бараат Бога. Се молеше за обновување на заедништвото за да не бидат поделени децата на Црквата.

Барај ги, Мајко, оние што се оддалечиле од светата Црква: твојот поглед нека стигне до нив таму каде што нашиот не може, сруши ги ѕидовите што нè разделуваат и врати ги дома со силата на твојата љубов.

Молитва за посветени лица и за Петровиот наследник

Мислите на Папата се и со оние кои го посветиле својот живот на Христос. „Обнови ја нивната прва љубов“, беше неговата молитва преку застапништвото на Дева Марија.

Чувај ја нивната внатрешна суштина во молитвата, заштитувај ги во искушенијата, охрабри ги во заморот и помагај им на оние што се депресивни.

На крајот, папата Лав XIV, на патот на понизноста, го нагласи духот во кој треба да се живее и да се носи Евангелието во светот. „Ние сме негови едноставни слуги“, рече тој. Потоа, зборувајќи за себе, на кого му е доверено Петровото служење, го упати својот повик, цитирајќи ги зборовите на Свети Иван Павле II:

Мајко на „вистинскиот Бог за кого живееме“, дојди на помош на Петровиот наследник, за да ги утврди оние што му се доверени на единствениот пат што води кон благословениот Плод на твојата утроба. Потсети се на ова кај твој Син, „на кого Христос му ги довери клучевите од царството небесно за доброто на сите“, дека овие клучеви служат „за врзување и разврзување, за искупување на секоја човечка беда.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот