Папата Фрањо на Генералната аудиенција говореше за молитвата на праведниците и потсетувајќи се на првите поглавја од Прва Книга Мојсеева (Битие) истакна, додека злото во светот постојано и брзо се шири, молитвата на праведниците е способна да ја врати надежта. Молитвата ја отвора вратата на нашиот живот кон Бог.
Пред бранот на злото кој се шири низ светот, молитвата е како „брана“ и „засолниште“ за човекот – истакна папата Фрањо во катехезата на Генералната аудиенција, одржана на 27 мај 2020 година, која во склад со посебните мерки одредени поради пандемијата на корона вирусот, и денес е одржана без присуство на верници, во библиотека на Апостолската палата. Продолжувајќи со серијата размислувања за молитвата, Папата денес говореше за молитвата на праведниците и нејзиното значење во историјата на човечкиот род.
Божјиот план за човечкиот род е добар, но во секојдневниот живот го искушуваме присуството на злото. Веќе во првите поглавја од Прва Книга Мојсеева (Битие) ги наоѓаме Адам и Ева кои се сомневале во Божјата добронамерност, мислеле дека е завидлив, дека ја попречува нивната среќа и се побуниле. Повеќе не веруваа во великодушниот Создател кој ја посакува нивната среќа. Попуштиле на искушенијата на Злиот и сакале да станат како Бог. Меѓутоа нивното искуство отиде во спротивна насока и накрај открија дека се голи. Натрапникот лошо плаќа – примети Папата.
Злото стана уште поразорно со втора човечка генерација – рече Папата и даде пример со Каин и неговата завист кон Авел. Злото се појави во неговото срце и Каин не успеа да го совлада. Така првиот братски однос завршува со убиство – истакна Папата, и веднаш се сети на човечкото братство и војни кои насекаде се водат. Така во потомството на Каин, покрај разни вештини, занаети и уметности, се развива и насилство. Доволно е да се потсетиме на Ламех и неговите зборови кои одекнуваат како химна за одмазда: „Ќе убијам човек кој ќе ме рани, и младич ако ме удри. Ако Каин ќе се одмазди седумпати, Ламех ќе се одмазди седумдесет и седумпати!“
Но, на тие први страници од Библијата е опишана и друга приказна, не толку воочлива, многу попонизна, која е откупување на надеж. Иако скоро секој се однесува нечовечно, давајќи омразата и освојувањето да бидат големи покренувачи во животот на луѓето, има луѓе кои се способни искрено да се молат на Бога, кои се способни да ја пишуваат човечката судбина на поинаков начин – истакна Папата. Станува збор за Авел, Хенок и Ноа.
Читајќи ги тие приказни се добива чувство дека молитвата е брана, засолниште за човекот пред големиот бран на зло кое расте во светот – напомена Светиот Отец и додаде: Ако добро погледнеме, да се молиме и за тоа да се спасиме од самите себе. Важно е да се моли: „Господи, те молам, спаси ме од мене, од моите амбиции, од моите страсти“. Станува збор за работниците на мирот, затоа што молитвата кога е вистинска, ослободува од нагонот на насилство и погледот е вперен кон Бога. Молитвата ја привлекува Божјата моќ која секогаш дава живот и обновува.
Молитвата ги негува можностите за повторното раѓање на места на кои човечката омраза беше способна единствено да ја прошири пустината – напомена Папата и : Еве зошто Божјото владеење поминува низ ланецот на тие, често несфатени или маргинализирани, мажи и жени во светот. Но, светот живее и расте благодарејќи на силата Божја која тие негови служители го привлекуваат со својата молитва. Тие се ланец кој воопшто не е бучен, кои не го среќаваме често во хрониките, но сепак е толку важен за враќање на довербата во светот!
Во тој момент папата Фрањо се присети на еден важен човек од минатото, шеф на влада, кој беше атеист, но во неговото срце останала втисната молитвата на неговата баба. Во еден тежок момент од животот се сетил на тоа, и започнал да ги моли зборовите на баба му, и така го најде Исус. Молитвата е синџир на животот – истакна Папата и додаде: Многу мажи и жени кои се молат сеат живот. Молитвата сее живот, и малата молитва; поради тоа е важно да се научат децата да молат и правилно да го прават знакот на крстот, затоа што тоа е првата молитва. Можеби тоа подоцна ќе го заборават, ќе тргнат по друг пат, но првите молитви научени во детството остануваат во срцето затоа што се семе на животот, семе на дијалог со Бога.
Божјиот пат, затоа, поминува низ тој „остаток“ на човечкиот род кој не се прилагодува на законот на посилниот, туку го моли Бога да направи свои чуда, и пред сè срцето од камен да го претвори во срце од месо (Језекиил 36, 26). Токму тоа и помага на молитвата, бидејќи молитвата ја отвора вратата кон Бога, претворувајќи го нашето срце, кое е често камено, во човечко срце. Потребно е многу човечност, а со човечност добро се моли – рече на крајот папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк