Во Лисабон, во големиот парк во срцето на португалската престолнина, во четврток, на 3 август 2023 година, се одржа церемонија за пречек на папата Фрањо, со што официјално беше отворен Светскиот ден на младите во 2023 година.
Во своето обраќање на првата средба со младите во Португалија, Папата упати две барања до младите кои пристигнаа од сите делови на светот: да ја доживеат радоста на заемното прифаќање во овие денови и да се отворат за разговор со Господ за да бидат сведоци на неговата близина. Тој ги предупреди младите за „волците“ кои се кријат „зад насмевката на лажната добрина“, порачувајќи им да се чуваат од „виртуелната илузија“.
„Queridos jovens, boa tarde! Драги млади, добра вечер!“, рече тој на почетокот на своето обраќање до младите на свеченото отворање на Светскиот ден на млади во Parque Eduardo VII., голема зелена оаза во центарот на португалската престолнина. На церемонијата се собраа околу 500.000 млади луѓе. По поздравното обраќање на лисабонскиот патријарх, кардиналот Мануел Хозе Макарио до Насименто Клементе, младите беа протагонисти на првиот дел од средбата со музика, песни и кореографија, симболично претставување на писмата до Фрањо со бројни прашања од младите за животот, верата и припадноста кон Црквата. На свеченото отворање беа развеани безброј знамиња на земјите од целиот свет, од кои потекнуваат младите, а на сцената беа изнесени симболите на Светскиот ден на младите: Ходочасничкиот крст и иконата на Пресвета Богородица – Salus Popoli Romani.
На средбата беше прочитано Евангелието во кое Исус ги испраќа своите ученици да ја пренесат пораката за Царството до сите. Папата им се заблагодари на младите што одговориле на повикот за учество и истакна дека пред се Исус ги повикал да бидат тука: „Не сте случајно овде. Господ ве повика, не само во овие денови, туку од почетокот на вашите денови. Да, Тој ве повика по име. Слушнавме од Словото Божјо дека нè повикал по име. Обидете се да ги замислите тие три збора напишани со големи букви, а потоа замислете дека тие се напишани во вас, во вашите срца, како да го творат насловот на вашиот живот, смислата за она што сте: повикани сте по име“.
Повикани сме затоа што сме сакани, продолжи Папата. За Бога, секој човек е скапоцен таков каков што е, и Тој сака од сите да направи ремек дело. Светскиот ден на млади може да ни помогне да ја препознаеме оваа реалност, истакна Папата, посакувајќи им на сите млади луѓе „ова да бидат денови во кои твоето име – и твоето, и твоето и твоето – преку браќата и сестрите на многу јазици и народи – гледаме многу знамиња – кои го изговараат пријателски, да одекнува како единствена вест во историјата, затоа што е единствено чукањето на Божјото срце за тебе. Ова нека бидат денови во кои цврсто ќе всадиме во нашите срца дека сме сакани такви какви што сме, а не како што би сакале да бидеме: какви што сме сега. Тоа е почетна точка на Светскиот ден на младите, но пред сè на животот“, рече Папата.
Папата Фрањо во своето обраќање истакна дека за Бог зад секое име стои лице, но дека во општеството тоа не е секогаш така. Социјалните мрежи, на пример, ги користат нашите лични податоци не затоа што го гледаат секој поединец како „единствена“ личност, туку за „истражување на пазарот“. Папата истовремено зборуваше и за волци кои се кријат зад лажни и измамнички насмевки, а потоа го оставаат човекот сам и предупреди: „Тоа се илузии на виртуелното и мораме да внимаваме да не бидеме измамени, бидејќи многу реалности кои нè привлекуваат и ветуваат среќа подоцна ќе испаднат такви какви што навистина се: празни работи, меурчиња од сапуница, излишни работи, работи што се бескорисни и го оставаат срцето празно. Едно ќе ви кажам: Исус не е таков, не е таков: има доверба во вас, верува во секој од вас, во секој од нас затоа што за Исус секој од нас е важен, секој од вас е важен. Тоа е Исус“.
Пријатели, продолжи Светиот Отец, сакам да бидам јасен со вас, кои сте алергични на невистини и празни зборови: во Црквата има место за се – за се! – никој не е бескорисен, никој не е вишок, за сите има место. За сите нас какви што сме, за сите нас. Црквата е место за секого. „Оче, но јас сум голем бедник, бедник: има ли место за мене?“: има место за сите, сите заедно, за секој поединец со неговиот јазик. Секој од вас, повика Папата, во овие денови нека го пренесе „јазикот на Исусовата љубов“.
Драги момчиња и девојки, ве повикувам да размислите за оваа многу убава работа: дека Бог нè љуби, Бог нè сака такви какви што сме, а не како што би сакале да бидеме или како што би сакало општеството да бидеме: какви што сме. Нѐ сака со маните што ги имаме, со ограничувањата што ги имаме и со желбата што ја имаме да одиме напред во животот. Бог нè повикува такви: имајте доверба затоа што Бог е татко, и Тој е татко што нè љуби, татко што нè сака. Тоа не е така лесно, и затоа имаме голема помош од Богородица: таа е и наша Мајка. Таа е нашата Мајка. Сакав само да ви го кажам ова: не плашете се, бидете храбри, одете напред знаејќи дека сме заштитени од Божјата љубов. Господ нѐ љуби“, им порача Папата на младите собрани на свеченото отворање на 37. Светски ден на младите, што се одржува во Лисабон од 2 до 6 август.
Ватикан њуз/к.мк