По молитвата Ангел Господов во недела 26 февруари 2023 година, папата Фрањо ја изрази својата тага за уште една трагедија во морето, која се случи утринава кај брегот на италијанскиот град Кротоне, во која животот го загубија најмалку 40 луѓе.
Исто така Папата е загрижен за обновувањето на насилството во Светата Земја, а испрати и апел за Буркина Фасо, која веќе е измачена од разни кризи, а во која во изминатите денови во напад се убиени околу 50 војници, а одговорноста ја презеде Исламската држава, кое пак поттикна одговор од властите со напад во кој беа убиени 160 терористи.
Светиот Отец ги спомна и жртвите од земјотресите во Турција и Сирија и уште еднаш упати апел за Украина, како и за погодените од ретки болести, чиј меѓународен ден се одбележува на 28 февруари.
Во меѓувреме во недела 26 февруари 2023 година, попладне започнуваат духовните вежби на Римската курија во Великиот пост. Годинава тие нема да се одржат во Домот на Божествениот учител во Аричи. Имено, во изминатите денови Папата побара од своите соработници лично да се повлечат на молитва од 26 февруари до 3 март, прекинувајќи ги сите други активности.
Ватикан њуз/к.мк