На маргините на Меѓународната средба за мир во Асизи, регионалната директорка на Стратешката иницијатива за жени на Африканскиот Рог, Хала Алкариб, зборуваше за важноста зборовите да се претворат во конкретни дела за мир.
Четириесет години по историската средба во „Духот на Асизи“, на која свети папа Иван Павле II нагласи дека „мирот е вредност без граници“, градот на свети Фраљо Асишки повторно стана место на дијалог меѓу луѓе од различни култури, јазици и религии.
Меѓународната средба за мир под наслов „Невооружен и разоружувачки мир“, инспирирана од пораката на папата Лав XIV за Светскиот ден на мирот во 2026 година, беше отворена попладнето на 25 октомври 2026 година.
Една од говорничките на воведното собрание беше Хала Алкариб, регионална директорка на Стратешката иницијатива за жени на Африканскиот Рог, организација која работи на документирање и разоткривање на прекршувањата на човековите права.
Во разговор за Ватикан њу на маргините на средбата, таа ја нагласи важноста на работата за градење мир во „глобален контекст кој е исклучително непријателски и кој овозможува ширење на насилството“.
Насилството се прелева
Алкариб изрази надеж дека оваа меѓународна средба ќе го насочи вниманието кон насилството и конфликтите ширум светот.
Особено во Судан, рече таа, состојбата е катастрофална, бидејќи повеќе од 250.000 цивили се убиени во текот на четирите години од почетокот на конфликтот. Домови, цркви, џамии и музеи се ограбуваат, а сексуалното и родово заснованото насилство станува сè почесто.
Опасноста, предупреди таа, е што „ова не се случува само во Судан. Се шири и во други делови од Африканскиот Рог“.
Токму тука, нагласи Алкариб, верските институции треба да покажат поголема ангажираност.
Постигнувањето на невооружен и разоружувачки мир започнува со ставањето на човечката личност во центарот.
„Станува збор за човештвото. Станува збор за тоа како постоиме и живееме во мир, како ги споделуваме ресурсите што ги имаме и како ја заштитуваме нашата животна средина и нашите екосистеми“, истакна таа.
Таквите пораки се суштински во процесот на градење мир, додаде Алкариб. Без нив, „целото прашање станува премногу трансакциско кога станува збор за човечкиот живот“.
„Време е верските институции, кои претставуваат многу моќна сила, јасно да ги изразат своите ставови, да проговорат и да се обединат за доброто на човештвото.“
Надеж за иднината
Алкариб предупреди дека човештвото се наоѓа во „многу, многу опасна и многу сериозна состојба“.
Сепак, оваа меѓународна средба во Асизи, која собира луѓе од различни религии, култури и животни приказни, претставува почетна точка за дијалог, но уште повеќе и за конкретно дејствување.
Алкариб изрази надеж дека „прекрасните говори“ одржани на свеченото отворање нема да останат само зборови, туку ќе се претворат во конкретни дела.
Таа се надева дека „луѓето од различни верски средини ќе се обединат и стратешки ќе размислуваат за тоа како можат да ја искористат силата што ја имаат за сериозно да се залагаат за мир“.
Иако задачата не е лесна, Алкариб нагласи дека тоа е одговорност на сите учесници на средбата во Асизи, но и на сите луѓе пошироко, сериозно да ги сфатат овие чекори и повиците за дејствување што произлегоа од сведоштвата споделени на отворањето на средбата.
Претставници од повеќе од 50 земји се собраа во градот на свети Фрањо Асишки.
Алкариб уште еднаш ја нагласи итноста да се премине од зборови кон дела:
„Се надевам дека ова нема да останат само зборови. Потребно ни е дејствување.“
Ватикан њуз/к.мк

