Делот од Евангелието предвидено за Месопосната недела сака да нѐ поттикне на размислување за нашата цел во животот.
Нашиот живот се одвива во две времиња. Првото време е она земското „милосно време“ во кое сега живееме, време за нашето спасение. Во него се среќаваме со Христос како „Добриот Пастир“ и одлуката за нашето спасение е во нашите раце. Но, тогаш ќе дојде „оној ден“, кога Христос судија ќе седне на престолот и пред Него ништо нема да остане не казнето. Овој дел од светотo Евангелие сака повторно да откриеме дека сѐ уште сме во време пoгодно за спасение, каде што сѐ зависи од подготвеноста да одговориме на Божјиот повик.
Важно е да се знае дека Исус е Господ и дека Тој ја претставува личната и конечната средба на Бог со човештвото. Важно е да се знае дека мораме да бидеме чувствителни на барањата на другите, посебно на оние најсиромашните, највалканите. Но, знаењето не е пресудно. Пресудно е само реалното делување. Не се спасува оној кој знае и говори „Господи, Господи,“ туку оној кој го прави тоа што Бог од него го бара. Спасението се остварува во преминот од теоријата во вистинско практикување. Вистинската солидарност, љубовта без интерес, искреното простување и великодушното отворање на рацете е она што нѐ приближува до спасението. (…)
Во пресудата за нашето вечно спасение или пропаст, Бог нема да се води од критериумот на богослужбата – како се молиме – ниту од доктринарни критериуми – во кои вистини сме верувале – туку од етички критериуми – од она што сме го направиле за другите. Преку таа мала солидарност за гладните, жедните, голите и угнетуваните ќе се одлучи за вечната судбина на секој човек. На залезот од животот ќе бидеме судени по љубовта. А сиромасите и оние во потреба ќе ни судат во Божјото име: „Ти гледаше дека гладувам, ги гледаше моите деца како јадат отпадоци од храна, и не ми даде ниту парче од твојата преполна чинија. Ме гледаше во партали, го гледаше моето семејство кое се сокрива под картонски кутии и лимени живеалишта и ме избрка и ми го зеде тоа делче тло каде на него престојував. Гледаше голем број обесправени работници, и не беше солидарен со нив. Бидејќи не сакаше да живееш во солидарност, осуден си вечно да живееш во осаменост! Затоа што беше бесчувствителен на праведноста, нема да можеш да живееш со праведниците. Ти за време на животот си ја примил својата утеха.
Евангелието не се сведува само на една класа. Но, има удел во Божјото царство, и се спасува само оној кој живее и работи, иако богат го прима како свој плачот на сиромашните и бара праведност; оној кој во својата животна програма го вклучува најголемиот копнеж на сиромашните,а тоа е приредување братска и рамноправна гозба за сите, и кој активно придонесува тоа да се остварува.
Пожешка бикупија/к.мк
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк