Проповед на епископот Стојанов: Марија Утешителка

Проповед на епископот Стојанов: Марија Утешителка

По повод благословот на возобновеното Светилиште: „Мајка Божја Утешителка“ во Паљурци на 20 мај 2018 година, Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов одржа пригодна проповед која ја пренесуваме во целост:

*********************

Драги браќа и сестри, во 1908 година на ова место стоел владиката Епифание Шанов, пастир на верниот народ. Тој бил исто така опкружен со верниците како и јас денес.

Нашите предци од ова исто место го гледале ова исто небо, овие планини, шуми. Погледот им бил свртен кон „стариот крај“ од каде биле изгонети само заради нивната вера. Како некогаш Избраниот народ – стариот Израел – и тие се нашле на падините на „ридот Божји“ на Хорив. Таму ним им се објави Бог и им ја покажа Ветената земја. И нашите предци ги донесе Пастир и како тогаш Израел ни покажа Нова татковина – оваа Ветена земја. Што правел на ова место Светиот збор на нашите предци? Склучил сојуз  на верност со Бога, ја обновил својата вера и својата одлука дека и по цена на прогон ќе остане верен на Светата, Апостолска, Католичка Црква во единството на верата и љубовта соединувајќи го во себе Истокот и Западот. Тука пред живиот Бог ја изрекол оваа своја одлука и ја предал во рацете на Мајка Божја Утешителка. Својот чин на вера и решителност го доверил во рацете на Пресвета Богородица. Стоејќи пред оваа света икона која и денес ја набљудуваат нашите очи, ве повикувам драги браќа и сестри, сега по повеќе од сто години, а во спомен на стогодишнината од појавувањето на Мајка Божја во Фатима, во Португалија, и ние да го направиме истиот чекор на преданост кон Пресвета Богородица, одговарајќи на молбата од пораката на Мајка Божја Фатимска и ние како и целото човештво да му се посветиме на нејзиното Безгрешно срце.

Што значи Сојузот со Бога? Предраги, Бог никогаш не се наметнува со сила. Тој не сака човекот да му припаѓа со присила. Тој се објавува како Бог кој е Љубов, како Бог кој е Отец. Не сака да му робуваме, сака слободно да му припаѓаме, не како робови туку како возљубени деца. Заради тоа Бог се објави во Новиот Завет во одредена личност во скромното, сиромашно Назаретско семејство, и „Словото стана тело“  за да биде „Бог со нас“, а не “Бог над нас“ … и врз себе ја прими нашата човечка, застрашувачка, страдалничка и смртна природа, чекореше по нашите правливи патишта, пиеше вода од нашите плитки бунари и се облекуваше во нашите скромни облеки. Беше и сиромав и бегалец и прогонет и затворен, измачуван и погребан. И почина како човек. Никој од нас и никаде не може да мине „нова животна патека“ низ која веќе не поминал Христос. Така во него секој народ и секое време, секоја историја може да го препознае својот пат. Заради тоа единство само Тој може да каже: „Јас сум Пат, Вистина и Живот“. Поминувајќи ги на тој начин чудните човечки патишта, Тој мина и по патот на неизмерното страдание, патот на страданијата и насилната смрт. Зошто токму по тој пат? Самиот ќе рече: „Никој нема поголема љубов од оваа: да ја положи душата своја за своите пријатели … а вие сте Ми Пријатели“. Со смртта ја откупи нашата смрт. Смртта која ја прими врз себе ја откупи нашата смрт. Како физичката, така и онаа многу по опасната, смртта на душата заради грев. Бог го воскресна на третиот ден и со тоа ја потврди Љубовта. Исус од Љубов се предаде, врз себе во гроб ја однесе слабата човечка природа, но таа природа е воскресната и со тоа Бог го даде својот одговор на сојузот.

Ние, со вера го прифаќаме Исус како Спасител, а според Светата тајна Крштение, од себе ја симнуваме старата и слаба Адамова природа и се облекуваме во нова, Христијанска природа, природа на Божјите синови. Тоа е Новиот завет, Завет во Крштение, потврден со Евхаристиското тело и со крвта на Исус Христос, Божјиот син. Тоа е тоа несфатливо Божјо дело што се случува во Христијанските заедници и во секој поединец по Светите Таинства. Ние денес, обновени во верата сакаме да се видиме како негов Нов Божји народ. Заради тоа, на оваа Света почва, натопена со пот, солзи, дури и со крв од нашите предци, ние, современиот народ на Македонија, сакаме да го обновиме Крстниот завет со Бога во Една, Света, Католичка и Апостолска црква. Сакаме да го обновиме на начин на кој тоа го сториле нашите предци пред повеќе од сто години.

Пред нас е ликот на Пресвета Богородица. Ако со очите на верата го набљудуваме нејзиниот мајчински животен од, во кој ќе препознаеме жена и мајка, целата нурната и соединета со својот Син, Исус Христос. Таа е најсветлото Евангелие – икона на Исус Христос. Повеќе од било кој друг на небото и на земјата, таа е единствената која го познавала Исус Христос во неговиот живот, смртта и воскресението. Таа била сведок, нам сосема близок зашто одела по Исусовиот пат не затоа што знаела туку затоа што верувала. И ние не сме „знаење“ туку сме „верување“ во Таинството на Исус Христос и сосема разбирливо, ако Бог во својата далекосежна провидност ѝ доделил такво извонредно место на Марија во животот на Исус Христос, тогаш ни по Исусовото Вознесение на небото улогата на Марија не престанува. Со силата на верата во неа се зачнало Словото, го родила Божјиот син и со таа иста вера на Крстот Својот Син го прими како Жртва на Татковската волја. Да, таа е ожалостена. А која мајка не е? Но таа стои под крстот: молчи, поднесува, страда, трпи, моли и љуби… Но надежта не ја напушта. Таа е единствената што ја теши онаа мала заедница околу крстот, а подоцна и Апостолскиот собир во очекување на Светиот Дух. Марија, според нејзиното мајчинско послание е Утешителка. Во секое време, а особено ова наше време, време кога треба да се поддржува надежта, Марија е со нас. Светиот Отец папа Фрањо, во своите катехези веќе неколку месеци говори токму за надежта. Крепост без која не може да се верува, а уште помалку да се љуби. Тоа сега е толку важно за да се види дека Христијанството е повикано да биде вера на надежта!

Точно пред сто години, минатата година кога ние започнавме со возобновувањето на оваа наше светилиште,  во Фатима, Мајка Божја ќе им се појави на три овчарчиња: на Луција, Фрањо и Јацинта. Двајца од нив веќе се прогласени за свети, а процесот на беатификација на Луција е во тек. Во 1917 година кога на Европа и светот се надвиснува ужасот на Првата светска војна што нема да ги одмине и овие наши краеви, кога над Европа надвиснал црвениот крвав облак на атеистичкиот болшевизам и октомвриската револуција во Русија, Марија се јавува со порака: Повикува на утеха и ветување во победа. Од нас таа бара огнена молитва, пред сè света бројаница, како и одрекувања за преобразба на грешните и молитва за мир меѓу народите. На оние кои ќе ги прифатат овие барања и му се посветат на нејзиното Пресвето Срце, ветува победа. Со чудесниот знак „танц на сонцето“, кој на 12.10.1917 год го виделе над 70 000 луѓе, Марија ја потврдила вистината на нејзините зборови. Ние сме сведоци на тоа како нејзините зборови стануваат реалност и како победува нејзиното Срце во Русија.

Драги браќа и сестри, колку е убаво да се почувствува дека Бог нè придружува на нашиот животен пат низ историјата. Колку е убаво што денес благодариме за нашите најмили, за нашите прадедовци на мачеништвото кои својот животен пат го ставиле под заштита на Пресвета Богородица Утешителка за и нас Бог да нè придружува на нашиот животен пат низ Историјата. Затоа и ние денес сакаме да го обновиме Крстниот Завет со Бога, тука на оваа посветена почва и да ги ставиме под заштита и застапништво, во утеха и љубов на Марија Утешителка сите наши живи и покојни. Под слободното македонско небо сакаме да му останеме верни на Бога, на Црквата и на Татковината. И бидејќи сме слаби и кршливи, сакаме да замолиме од Пресвета Богородица силно застапништво, да и го принесеме сето маченичко минато, вознемирена сегашност и молитвена иднина, за да нè теши, придружува и застапува како верни сведоци на историскиот животен пат. Ги прикажуваме сите страдања од минатото, сегашноста и иднината како награда. Сета верност ја принесуваме како љубов и молитва за мир и напредок, не само за нашиот народ, туку за сите народи во светот, а особено за оние што Македонија ја имаат за своја татковина. Сакаме да одговориме на повикот на Марија од Фатима, да бидеме Народ во Нејзиното срце, верен на Бога и Црквата. Сакаме да молиме за благослов и мир, да принесуваме жртви за сите гревови и со љубовта на нашите срца да го љубиме Срцето Исусово преку Срцето на Марија. Сакаме да ја слушнеме пораката на основачите на заедницата на сестрите Евхаристинки, о. Јосиф и с. Еврозија Алоати и да возвратиме љубов за љубов на тие прекрасни срца на Исус и Марија.

Нека сведок на нашата посвета биде ова прекрасно македонско небо и оваа мајка земја, натопена со пот, солзи и крв. Нека биде сведок и ова Светилиште за вечен спомен на идните поколенија кои доаѓаат по нас. Нека биде знак и сведок сега и секогаш. Амин.

к.мк

Категорија: Вера, Проповеди

За авторот