Распоред на богослужбите на Папата до крајот на месец април
Overview
- Type: папа Фрањо, распоред, свети Литургии
Ватиканскиот прес-центар го објави календарот со светите Литургии на папата Фрањо до крајот на месец април. Посебно место во календарот заземаат пасхалните богослужби во базиликата „Свети Петар“ со Папата.
Првата богослужба е на 26 февруари, на Пепелница, во црквата „Св. Анселм“ која ќе започне во 16.30 часот со покајничка процесија до базиликата „Св. Сабина“. Таму од 17.00 часот ќе започне светата Литургија со благословот и поросување на главите на верниците со пепел.
Од 1 до 6 март папата Фрањо ќе се повлече со Римската курија за духовни вежби во Великиот пост, кои се веќе традиција а се одржуваат во Арича, близу до Рим.
На 20 март, петок во ватиканската базилика „Свети Петар“ од 17.00 часот ќе започне покајната Литургија. Во недела на 5 април, на Цветници и Страдание Господово од 10.00 часот на плоштадот „Свети Петар“, папата Фрањо ќе ја предводи светата Литургија, во знак на сеќавање на влегувањето на Христос во Ерусалим. Во четврток на 9 април во Страсната седмица од 9.30 часот, папата Фрањо ќе ја предводи во базиликата „Свети Петар“, Литургијата со осветување на миро. Во петок на 10 април од 17.00 часот ќе биде отслужено Страданието Господово. Светиот Отец ќе ја предводи Литургијата на Словото, поклонувањето пред Крстот и Причествувањето на верниците. После тоа од 21.15 часот ќе започне Крстниот пат на римскиот Колосеум, а на крајот од Крстниот пат, Папата ќе се обрати кон присутните верници и ќе го даде својот Апостолски благослов.
Во саботата на 11 април од 20.30 часот во ватиканската базилика „Свети Петар“ ќе започне Пасхалното бдение, а во утрото на Воскресението, Светиот Отец ќе ја предводи торжествената Литургија на плоштадот „Свети Петар“, на крајот од која на централната ложа на базиликата ќе го упати своето послание и благословот „Градот и светот“, Urbi et Orbi.
Во неделата на 19 април, Втората Пасхална недела, папата Фрањо ќе ја предводи светата Литургија, со почеток од 10.30 минути, за празникот на Божјото милосрдие.
Ватикан њуз/к.мк