„Чувствувајте се како мисионери испратени од Папата, како орудие на единство и во служба на човечкото достоинство“, им рече Лав XIV на нунциите од различни земји низ целиот свет, кои ги прими на аудиенција во Ватикан на 10 јуни 2025 година.
„Во ниедна земја во светот нема толку обединет дипломатски кор како во Светиот Престол“, бидејќи „нашето единство не е само практичен или идеален сојуз, туку единство во Христос и Црквата“, што ја изразува евангелската порака за човечко братство и мир меѓу народите, нагласи Лав XIV на почетокот од своето обраќање.
Папата им се заблагодари на нунциите за нивното служење, благодарејќи на нив добива информации за состојбата на Црквата во различни земји во светот и може да „учествува во животот на своите деца“, како што напиша Свети Павле VI.
Донесување на Христос кон страдалното човештво
Зборувајќи за посланието на нунциите, папата Лав XIV се осврна на настанот од Делата на Светите Апостоли (3,1-10), во која апостол Петар исцелува човек фатен од раѓање, кој седел пред вратата на храмот и молел за милостина. „Ова е како слика на човештвото кое ја изгубило надежта и паднало во очај. Денес, Црквата честопати се среќава и со луѓе кои повеќе не се радуваат, кои се отфрлени од општеството или принудени во животот да молат за милостина“, рече Светиот Отец, повикувајќи ги своите дипломатски претставници, по примерот на апостол Петар, да воспостават односи и да бидат амбасадори на Христос.
„Да се носи Христос значи да се носи љубов, да се сведочи за љубов подготвена за сè. Се надевам дека во земјите каде што живеете, сите ќе знаат дека Црквата е секогаш подготвена за сè во име на љубовта, дека таа секогаш е на страната на последните, сиромашните, и дека секогаш ќе го брани светото право да се верува во Бога, да се верува дека овој живот не е под власта на моќниците на овој свет, туку има таинствено значење сам по себе“, рече Папата, истакнувајќи ја вредноста на службата на нунциите за жртвите на „војни, насилство, неправда или лажен просперитет што води кон заблуда и разочарување“.
Во сенката на Петар
Светиот Отец објави дека нунциите ќе добијат од него прстени со натпис „sum umbra Petri“ – „под сенката на Петар“. „Чувствувајте се секогаш обединети со Петар, под заштита на Петар, испратени од Петар. Само во послушност и вистинско заедништво со Папата вашата служба може да биде плодна за изградба на Црквата во единство со локалните епископи“, додаде Папата.
Гледајте го доброто и стремете се кон светоста
Лав XIV ги повика нунциите да имаат поглед што благословува, „затоа што службата на Петар е да благословува, односно секогаш да го гледа доброто, дури и скриеното, дури и кога е во малку“.
„Сметајте се себеси за мисионери испратени од Папата, бидете орудие на единство и во служба на човечкото достоинство, промовирајќи насекаде искрени и конструктивни односи со властите со кои соработувате. Вашата компетентност секогаш нека биде осветена со постојана желба за светост. Светците кои служеле во дипломатијата на Апостолскиот Престол, како што се Свети Иван XXIII и Свети Павле VI, нека бидат пример за нас“, рече Папата, повикувајќи ги нунциите секогаш да бидат зајакнати во верата, за да бидат нејзини носители и видлив знак во светот.
Ватикан њуз/к.мк