Пред пладневната молитва Ангел Господов во недела, 5 октомври 2025 година, папата Лав XIV изрази загриженост за порастот на антисемитската омраза во светот, по нападот во Манчестер, и тага за страдањето на палестинскиот народ. Тој со надеж се осврна на напредокот постигнат во мировните преговори, за прекин на огнот во Газа и ослободување на заложниците. Тој ја изрази својата блискост со филипинскиот народ погоден од силниот земјотрес во Себу.
Папата Лав XIV е загрижен за порастот на антисемитската омраза во светот, манифестирана со терористичкиот напад врз синагогата во Манчестер на 2 октомври, и понатаму е тажен поради страдањето на Палестинците во Газа. Сепак, има надеж во неговите зборови пред молитвата Ангел Господов во недела на плоштадот Свети Петар, на крајот од светата Литургија по повод Јубилејот на мисиите и мигрантите.
Во последните часови, во драматичната ситуација на Блискиот Исток, направени се неколку значајни чекори во мировните преговори, за кои се надевам дека наскоро ќе ги постигнат посакуваните резултати. Ги молам сите одговорни да преземат мерки по овој пат, за прекин на огнот и ослободување на заложниците. Исто така, ги повикувам сите да останат обединети во молитва, за напорите што се вложуваат да ја завршат војната и да нè водат кон праведен и траен мир.
Ви благодарам на сите што молите Бројаница за мир.
Споменувајќи ја молитвата Бројаница, која денес силно одекнува во светилиштето во Помпеја, Папата нè охрабри духовно да се обединиме со верниците собрани во тоа светилиште во молитва кон Богородица од Бројаницата.
Во овој месец октомври, додека со Марија размислуваме за таинствата на Христос Спасителот, да ја засилиме нашата молитва за мир, молитва што изразува конкретна солидарност со народите измачени од војната. Ви благодариме на многуте деца низ целиот свет кои се посветија на молитвата Бројаницата за оваа намера. Ви благодариме од длабочината на срцето!
Близина и молитва за Филипините погодени од земјотресот
Пред да поттикне молитва за сите кои страдаат од тековните конфликти во светот, Папата го спомена силниот земјотрес што го погоди централниот регион на Филипините во вторник вечерта, 30 септември, особено островот Себу и соседните провинции.
Ја изразувам мојата близина до саканиот филипински народ и се молам особено за оние кои се најпогодени од последиците од земјотресот. Да останеме поврзани и обединети во нашата доверба во Бога и во застапувањето на Неговата Мајка во секоја опасност.
Папата Лав XIV на крајот ги поздрави сите присутни поклоници, особено оние од бискупијата Павија, со нивниот епископ, како и верниците, меѓу кои – како што рече – имаше и неколку млади луѓе од Витлеем, кои носеа статуа на Богородица од Откровението.
Ватикан њуз/к.мк