Лав XIV: Блискиот Исток мора да ја отфрли логиката на одмазда

Лав XIV: Блискиот Исток мора да ја отфрли логиката на одмазда

Светиот Отец упати силен апел за мир на Блискиот Исток, барајќи од верниците да станат „занаетчии на мирот“ и да ја напуштат логиката на насилство и одмазда.

На крајот од литургијата на брегот на Бејрут, Лав XIV, кој пристигна во Либан како „ходочесник на надежта“ за Јубилејната година, упати трогателна порака до христијаните на Блискиот Исток и целата меѓународна заедница.

Папата нагласи дека дошол да го замоли Бога за дар на мир за оваа земја која предолго страда од нестабилност и војна. Тој ги охрабри верниците да не губат надеж, дури и кога плодовите од нивните напори доаѓаат бавно, и постојано да го насочуваат погледот кон Господ.

Нови пристапи наместо одмазда

Папата ја истакна виталната потреба од промена на менталитетот во регионот. Блискиот Исток, рече тој, бара нови пристапи што ќе овозможат надминување на политичките, социјалните и религиозните поделби.

„Патот на меѓусебно непријателство и уништување во ужасот на војната трае предолго“, изјави Лав XIV, повикувајќи на отворање нови поглавја во име на помирувањето и „за образование на срцата во мир“, отфрлајќи го менталитетот на одмазда.

Светиот Отец ги увери своите молитви за сите народи кои страдаат од војна. Тој го привлече вниманието на ситуацијата во Гвинеја-Бисао, изразувајќи надеж за мирно решавање на политичките спорови, и се сети на жртвите од пожарот во Хонг Конг, изразувајќи сочувство до нивните семејства.

Криците на народите за мир

Папата посвети посебно внимание на самиот Либан, повикувајќи ја меѓународната заедница да не штеди напори за промовирање на дијалогот.

Оттука и неговиот искрен апел до политичките лидери: „слушнете го плачот на вашите народи кои сакаат мир!“ Тој потсети дека моќта мора да служи на животот, на општото добро и на целокупниот развој на човекот.

На крајот од средбата, Петровиот наследник уште еднаш ги охрабри локалните христијани, нарекувајќи ги полноправни граѓани на овие земји. Ги увери дека целата Црква гледа на нив со љубов и восхит и ги довери на заштитата на Пресвета Дева Марија.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот