„Лав од Чикаго“ – документарен филм на Ватиканските медиуми за американските корени на папата Лав XIV

„Лав од Чикаго“ – документарен филм на Ватиканските медиуми за американските корени на папата Лав XIV

Патување низ Соединетите Американски Држави – земјата каде што е роден папата Августинец – за да се дознае, преку гласови, слики и сведоштва, животниот пат и карактерот на човекот кој од 8 мај 2025 година ја предводи универзалната Црква. Во документарниот филм зборуваат и неговите браќа Луј и Џон, а премиерата наскоро ќе биде објавена на медиумските канали на Ватикан.

Детство, образование и семејни врски

Филмот „Лав од Чикаго“ нуди детален и во голема мера досега невиден портрет на папата Лав XIV. Детството, семејните односи, пријателствата, студиите, првите чекори во посветениот живот, но и неговата љубов кон спортот и гастрономијата – сето тоа е претставено низ сведоштва, фотографии и архивски снимки. Продукцијата е на редакцијата на Дикастеријата за комуникации, во соработка со Чикашката надбискупија и католичкото здружение Apostolado El Sembrador Nueva Evangelización (ESNE).

Чикаго, Филаделфија, Флорида

Новинарите Дебора Кастелано Љубов, Салваторе Чернуцио и Фелипе Херера-Еспалијат патувале низ населбите во Чикаго, започнувајќи од семејниот дом во предградието Долтон, со сеќавања и приказни од браќата Луис Мартин и Џон. Тие посетиле училишта, канцеларии и парохии водени од августинците, Католичката теолошка унија, како и места поврзани со младоста на тогашниот отец Роберт Франсис Превост – „Аурелиос Пица“ и стадионот „Рејт Филд“, дом на бејзбол тимот „Вајт Сокс“.

Патувањето ги однело и на Универзитетот Виланова, недалеку од Филаделфија, како и во Порт Шарлот, Флорида, каде што живее постариот брат на Папата.

Ликот на идниот Папа

Околу 30 сведоци поврзани со сегашниот Папа помогнале преку анегдоти, фотографии и лични приказни да се обликува ликот на човекот повикан да ја води Црквата. Роберт Франсис Превост уште како дете покажувал склоност кон верскиот живот, играјќи си „литургија“ и рецитирајќи молитви на латински. На рана возраст започнал со процес на духовно распознавање за да влезе во Редот на Свети Августин. Студирал математика и теологија, градел пријателства и се вклучувал во општествени иницијативи. Подоцна ја напуштил својата татковина и оди во мисија во Перу и со понизно, но одлучно водство го предводел еден од најраспространетите монашки редови во светот. Приватно, уживал во музика од 60-тите и 70-тите години, сакал да вози автомобил, да гледа телевизија и да следи бејзбол.

Продолжение на „Леон де Перу“

Документарецот „Лав од Чикаго“ е продолжение на филмот „Леон де Перу“, прикажан во јуни, кој се осврна на годините на мисионерска служба на Папата во Јужна Америка. И овој нов документарен филм наскоро ќе биде достапен на медиумските канали на Ватикан.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот