На 26 март 2017 година децата од веронаучната група од парохијата Свети Иван Крстител- Струмица го предводеа Крстниот пат за деца, кој се одржа на патеката под Спомен Костурницата до Крстот на ридот Самораница, кој се наоѓа над градот Струмица. Покрај бројните деца на Крстниот пат присуствуваа и нивните родители, роднини и пријатели кои ги придржуваа во молитвите и песните.
Крстниот пат го предводеа о. Гоце Костов и о. Атанас Сирачев, а децата носејќи ги иконите со 14 постојки, кои сами ги изработија на веронауката, се изменуваа во читањето на размислувањата за Крстниот пат.
Размислувањата од Крстниот пат за деца на едноставен детски начин поттикнува на размислување за Исусовата мака од салата на Пилат до Гологота и положувањето во гробот и го откриваат нивниот детски копнеж за љубов, сочувство, нежност….
Парохијата „Свети Иван Крстител“ – Струмица секоја година за време на Великиот пост организира молење на Крстен пат на отворено со децата од веронаучната група. Во парохиската црква пак Крстен пат се моли секоја среда и петок, додека во недела Крстниот пат е тематски одреден. Претходната недела се молеше за семејствата, додека наредната недела Крстниот пат ќе се моли за духовни звања.
к.мк